По конституирањето на новиот состав на Собранието на 30 декември течат роковите за формирање на новата Влада на Република Македонија.
Претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба му поднесе програма и да го предложи составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Претседателот Ѓорге Иванов во неделата изјави дека ќе ги испочитува роковите според Уставот за доверување на мандатот за формирање на влада.
– Јас како претседател сум обврзан според Уставот, по конституирањето на Собранието во рок од десет дена да го дадам мандатот, потоа следи мандатарот кој има дваесет дена да ја состави владата која треба да добие мнозинство во Парламентот, истакна Иванов.
Најмногу пратеници во деветиот собраниски состав има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 51. Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, Беса – 5, Алијанса на Албанците – 3 и ДПА – 2.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.