Граѓаните кои имаат долгови за струја, вода, парно и други комунални услуги, по новогодишната прослава полесно ќе дишат. Воздухот и понатаму ќе остане нечист, но тие ќе се растоварат од стравот дека новата година ќе ја почнат со блокирана сметка, или дека ќе ги посети извршител, кој за долг од 100 евра, ќе им наплати не дај боже и до 1.000 евра.
Од 1 јануари 2017 година стапува во сила нов Закон за извршување со кој ваквите шокови на кои цела една деценија беа изложени должниците, заминуваат во историјата. Извршителите велат дека се е подготвено од првиот работен ден во 2017 година да почнат со новините: известување на граѓаните пред да им се блокира сметката, вонсудска наплата на комуналните долгови, но и наплата по нова тарифа за неколку комунални услуги, со која драстично ќе се намали цехот што го плаќа должникот при извршувањето.
Постапувајќи според новите законски решенија, кога ќе добијат налог за наплата, извршителите нема веднаш да блокираат сметки и непријатно да ги изненадуваат должниците, како што правеа досега. Извршителот Гордан Станковиќ вели дека отсега прво ќе им се јавуваат, ќе бараат од нив долгот да го платат во рок од три дена, а дури потоа ќе одат на блокада на сметка.
За долговите на домаќинствата за сметките за вода, смет, куќен совет, кабелска и телефон до 2.000 денари и за струја и парно до 6.000 денари, воопшто нема да се спроведува присилна, туку вонсудска наплата, па пред да се оптовари долгот со трошоци, за судови, нотари, адвокати, извршители и камати, извршителот ќе го повика должникот, ќе му каже колку должи и ќе побара од него во рок од 15 дена да плати.
Во одредени случаи, во договор со должникот, може да му се даде и подолг рок за плаќање. Тогаш, крајниот цех што ќе го плати должникот ќе биде далеку помал од оној што би го платил кога би се спровела класична присилна наплата. Односно, би изнесувал колку долгот, плус одредена мала сума за извршителот. Доколку, пак не одговори на повикот на извршителот, ќе се спроведе класична присилна наплата и трошокот за должникот ќе биде далеку поголем. Во тој случај обично доверителите ангажираат адвокати, па на сметката се додава трошокот за нив, па се оди на суд и сметката се билда и со цената на тужбата, потоа доаѓа нотарот и неговата сметка, па извршителот, плус каматата за целиот период за кој не било платено. Сето тоа се надѕидува на основнито долг и треба да го плати должникот.
– Сите подготовки за стартување на новиот закон се завршени. Кај вонсудската наплата се предвидени комуналните услуги за кои може да се спроведе и сумите на максималните долгови, но тие се за поединечни сметки и долгот може да се кумулира. Така, една сметка за вода, на пример за да може да се наплати вонсудски не треба да е повисока од 2.000 денари, но вонсудски може да се наплатуваат истовремено повеќе такви сметки, објаснува Станковиќ.
Како значајна новина, со која многу ќе им се олесни на граѓаните должници, Станковиќ ја посочува новата тарифа за присилна наплата која ќе важи за неколку комунални услуги: струја, вода, смет и куќен совет. Кај присилната наплата за овие сметки, вкупниот надомест што ќе се наплаќа за нотар, адвокат и извршител нема да смее да надмине повеќе од 50 проценти од основниот долг.
– Ние извршителите прифативме за овие долгови да не наплатуваме повеќе од 25 проценти од сметките. На ова се додаваат материјалните трошоци што ги правиме при извршувањето кои ја оптоваруваат сумата со 10 до 20 проценти, плус данок на додадена вредност. Со ова извршувањето станува поевтино за должникот, зашто според стариот закон основниот долг се зголемуваше двојно, па и повеќе, вели извршителот Станковиќ.
Од Комората на извршители велат дека најголеми должници се физичките лица, токму за неплатени сметки за комуналии. Дури 70 отсто од предметите за извршување се по овој основ.
Ако за граѓаните новите законски решенија за извршувањето носат олеснување, компаниите велат дека за нив се голем товар. Уште пред неколку месеци Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) побара одложување на примената на законот за да се изменат членовите со кои им се оневозможува на правниците вработени во фирмите да застапуваат во предметите за извршување и тој дел од работата им се префрла на адвокатите.
Претседателот на ОРМ, Ангел Димитров предупредува дека ако не се направат измените што се бараат, тогаш дел од фирмите ќе бидат принудени да отпуштаат правници. ОРМ, вели тој, овие измени повторно ќе ги побара, но откако новиот Закон за извршување ќе почне да се применува.
Извор:Вечер
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.