Половина од активните компании и десетици илјади граѓани се со блокирани сметки и покрај воведувањето на нови, помеки правила за извршителите. Формирана е граѓанска иницијатива која бара целосна ревизија па дури и укинување на концептот на извршители.
76.432 граѓани и 36.021 компанија со блокирани сметки
Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) кои се однесуваат на јуни вкупниот број на граѓани со блокирани сметки достигнал 76.432 а на компании 36.021.
Податоците покажуваат дека заклучно со јуни вкупниот број на блокирани сметки изнесувал 255.037. Од нив 194.832 на граѓани, а 60.205 на компании.
Ако се земе предвид дека заклучно со 31 декември 2016 годна во државата имало вкупно 71.519 активни деловни субјекти, тоа значи дека во првата половина од годинава биле блокирани сметките на околу половина од вкупниот број активни фирми во Македонија.
Извршителите веќе го „омекнаа“ односот кон должниците
На 1 јануари стапија во сила новите, помеки правила по кои постапуваат извршителите. Со нив се воведе засилена контрола на работењето на самите извршители; писмена опомена пред принудна наплата; вонсудска постапка за комуналните сметки; кратење на роковите за продажба на недвижностите; но и за иселување на должниците; можност да се продаваат предмети при стечај; еднократно поднесување на барање за алиментација; електронска комуникација со државните органи.
Ова значи дека заостанатите сметки за комуналии (струја, вода, парно, телефон, каблеска) веќе не одат на нотар или на суд како до сега туку директно кај извршител. Со тоа треба да се избегнат дополнителните трошоци.
Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.
Извршителите наплаќаат по околу 100 милиони евра годишно
Комората на извршители на Македонија (КИРМ) се уште го нема објавено годишниот извештај за 2016-та. Според оној за 2015-та сите извршители заедно наплатиле 107 милиони евра. Имало вкупно 154.522 барања за наплата, а постапката била успешно завршена кај 52.439 случаи односно кај 33.95%.
Процесот на наплата најчесто трае подолго од една година (во 2015-та тоа биле 22.899 барања). Само 16.729 биле решени за помалку од три месеци.
Според извештајот најмногу пари биле наплатени во Скопје – нешто над 59 милиони евра, а најмалку во Кочани, Берово, Виница и во Делчево – во сите четири града заедно нешто под 2 милиони евра. Поголемиот дел од должниците биле фирми, а значително помал граѓани.
Извршителите беа воведени пред една деценија
Извршителите беа воведени пред една деценија. За овој период наплатиле вкупно 830 милиони евра, најмногу или речиси 128 милиони евра во 2013-та, потоа по 107 милиони евра во 2014-та и 2015-та; а најмалку или 20 милиони евра во 2006-та, првата година од нивното функционирање.
Во Македонија во моментов има 99 извршители. Превидено е воспоставување на вкупно 132, оттука 35 места се непотполнети.
Вкупниот број на вработени во извршителските канцеларии во 2015-та бил 625 односно секој извршител во просек имал по нешто над 5 ангажирани помошници и дополнителен персонал.
„Но пасаран“ – иницијатива за укинување на извршителите
Конфедерацијата на синдикални организации и граѓанската иницијатива „Но пасаран“ неодамна побараа пратениците да свикаат итна седница на која ќе го укинат законот за извршување и ќе го вратат законот од пред 10 години кога извршителите се водеа како државни службеници.
„Приватните извршители се приватен еснаф кој се богати од арачот на народот. Како може долг од 1.000 од 2.000 денари да стане 10.000, 20.000 денари. Каде одат останатите пари? Дали тие се нивен личен профит? Овде се работи за чисто богатење, чиста буржоазија која не кореспондира со социјалниот карактер на Република Македонија која е дефинирана како социјална држава согласно Уставот“ велат од граѓанската иницијатива „Но пасаран“.
Од синдикатот и здружението бараат и ревизија на нотарската комора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Граѓаните немаат мир: Извршителите блокирале сметки и пред Божиќ, оставаат и деца без основни приходи
-
Извршителите сè уште дерат: Наплив на тужби очекувајте во јуни
-
Додека профункционира новиот закон, стариот уште ги дрма сметките на граѓаните
-
Од денеска извршителите не смеат да земат за себе повеќе од 25% од долгот, ниту да блокираат сметки без најава