| четврток, 6 декември 2018 |

И Наполи на Пандев остана без тренер

macari

Валтер Мацари, тренерот на Наполи за кој настапува Горан Пандев го потврди своето заминување од клубот по четиригодишна успешна работа. Договорот на Мацари со Наполи истекува ова лето.

– Во Наполи го давав својот максимум и мислам дека на најкоректен начин си ја вршев својата работа. Голема благодарност до сите во клубот за поддршката, до фудбалерите и до навивачите, а посебно до претседателот Де Лаурентис кој инсистираше да останам, но мислам дека е време за промени – истакна Мацари по синоќешниот дуел со Рома.

Тренерот на Наполи не откри каде ќе ја продолжи својата кариера, оставајќи си, како што рече, малку време за одмор пред донесување одлука за идниот ангажман. Наполи на вчерашната средба со Рома загуби со 2:1, но сезонава ја заврши како втор во Серија А и со тоа избори директен пласман во Лигата на шампионите.

Инаку, повредата поради која капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, во 7 минута беше принуден да го напушти теренот на дуелот со Рома не е сериозна. Станува збор за исчашен зглоб без истегнување на лигаментите, што ќе го принуди Пандев на одмор од фудбалските терени, но веројатно ќе му биде на располагање на селекторот на фудбалската репрезентација, Чедомир Јаневски за јунските контроли со Шведска и Норвешка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top