Двата штита на македонскиот крал Деметриј од третиот век п.н.е., преку 500 вредни монети на македонските кралеви меѓу кои и оние со ликот на Александар Македонски, рановизантиски алатки, средновековен накит, репрезентативни садови од керамика и златниот вековен прстен декориран со претстава на владетелски модел, се само дел од 10. јубилејна археолошка изложба „Декада на активирање на археолошките ресурси на Република Македонија“ што беше отворена вечерва во Археолошкиот музеј на Македонија.
Станува збор за поставка на која се презентирани најзначајните пронајдоци од локалитетите: Скупи, Таор, Старо Бонче, Археолошки катастар, Локвени, Маркова Кула, Корешница, Исар Марвинци, Кокино, Градиште, Младо Нагоричане, Билазора, село Кнежје, Стоби, Велешко Кале, Вардарски Рид, Баргала, Исарот Штип, Цареви Кули, Хераклеја Линкестис, Стибера, Зрзе, Трескавец, Висока, Пелагонија, Плаошник, Самоилова Тврдина и Тетовско Кале.
Изложбата е резултат на нашите силни заложби да го истражиме, заштитиме и достојно да го презентираме македонското непроценливо културно наследство. Десет години посветена работа на преку 40 археолошки локалитети, на повеќе од 20.000 стручни лица, професори и археолози, 10 години посветена работа со единствена цел, да го документираме развојот на повеќе милениумската цивилизација на овие простори, да оставиме вредно сведоштво за идните генерации, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето.
Според неа, создаден е сериозен фонд на артефакти кој го поткрепуваат и потврдуваат идентитетот на македонската историја.
-Отварајќи ја оваа изложба, со гордост можеме да кажеме дека направивме многу. Создадовме сериозен фонд на артефакти кој го поткрепуваат и потврдуваат идентитетот на македонската историја. Тие се несоборлив доказ на нашето траење во историјата и нашата подготвеност и желба со својата посебност да придонесеме во збогатувањето на ризницата на светското културно наследство, истакна Елизабета Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.