| четврток, 6 декември 2018 |

Добри вести за МЗТ, Темс се враќа во составот за мечот против Цедевита

mzt-skopje

По нешто повеќе од месец дена отсуство Ксавиер Темс повторно му се стави на располагање на македонскиот шампион МЗТ Скопје. Одличниот бек пред крајот на календарската година ќе се врати во Македонија откако пропушти осум натпревари, пет во АБА лигата, три во Еврокупот, поради семејна трагедија. Американецот доби дозвола од раководството на клубот да се врати во родниот крај, но по месец и половина повторно се враќа во тимот.

– Темс првично замина на десетина дена, кога од нас побара можност да се прости од својот татко, кој беше тешко болен. Пред терминот предвиден за негово враќање, состојбата на родителот на нашиот кошаркар нагло се влоши и тој набрзо потоа почина, поради што Ксавиер не замоли за дополнително отсуство за да може да биде присутен на неговиот погреб, но и да биде крај својата мајка и помал брат во тешките моменти за нивното семејство. Темс има двогодишен договор со нашиот клуб и во него гледаме играч кој би можел да биде еден од нашите лидери на подолги стази и сметам дека е нормално што му излеговме во пресрет и на ова барање. Нашата реакција беше водена исклучиво од човечки, а не од спортски мотиви, бидејќи неговото отсуство од тимот и тоа како можеше да се забележи. Веруваме дека брзо ќе се врати во посакуваниот ритам и дека ќе биде оној стариот Темс, кој беше еден од нашите најдобри играчи пред заминувањето во САД – истакна спортскиот директор на клубот, Видоја Секуловски, за клупскиот сајт.

Тренерот Анте Назор ќе може да смета на услугите на одличниот бек веќе на следниот натпревар кој „металците“ ќе го одиграат на 2. јануари против Цедевита.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top