Безбедноста на дипломатите е предвидена само на територијата на амбасадите, изјави рускиот претседател Владимир Путин вечерва коментирајќи го отсуството на вооружено обезбедување крај рускиот амбасадор Андреј Карлов кој беше убиен во понеделникот вечерта на отворање изложба во турската престолнина Анкара.
-Постои општоприфатено правило според коешто вооруженото обезбедување на амбасада… дејствува само на територијата на амбасадата, и надвор од оградениот простор не излегува со оружје. Во тоа е проблемот. И тоа не е само во Турција, во повеќето земји е така“, изјавил рускиот претседател Владимир Путин на средбата со претставниците на двата дома на рускиот парламент – пренесува агенцијата РИА.
Путин додал дека во некои земји „земајќи ја предвид особеноста на процесите кои се одвиваат таму“, може да се договори за друг механизам за заштитат на руските дипломати.
Се забележува дека во Анкара нема стандардна практика за доделување лично обезбедување на странските амбасадори. Таквите мерки се носат по индивидуални барања, а од руска страна немало такво барање, пишува весникот и додава дека амбасадорот Карлов на ваквите настани одел без обезбедување.
Според информациите, постојано лично обезбедување во Турција имаат само амбасадорите на САД и на Израел. Американскиот амбасадор го обезбедуваат специјално обучени луѓе, додека израелскиот го обезбедуваат лица од разузнавачката служба Мосад.
Убиецот, младиот турски полицаец Мевлут Мерт Алтинташ во галеријата влегол како полициски службеник, покажувајќи ја значката откако го активирал детекторот за метал со пиштолот кој го носел. Според последните полициски извештаи, тој последните две ипол години бил припадни на специјалните сили во Анкара, а од јулскиот пуч осум пати бил ангажиран во специјалната единици која се грижи за безбедноста на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, зад прстенот од личните телохранители.
По пукањето во амбасадорот и извиците на арапски јазик, откако насобраните ја напуштиле салата порачал дека „ќе го изнесат само мртов“. Тој подоцна бил застрелан од двајца припадници на министерството за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.