Реченицата што би била типична за германската канцеларка Ангела Меркел, физичарка по образование и политичарка по професија, би гласела вака: „Да не ја заборавиме големата разлика меѓу очекувањето на нешто и преживувањето на тоа нешто“, пишува Николаус Бломе, заменик на главниот уредник на германски Билд.
„Со години германските безбедносни служби предупредуваа на неминовната закана од терористички напад. Предупредуваа на можноста од напад врз „меки“ цели, како божиќните саеми. Поради тоа на некој начин Германците го очекуваа овој удар. Во понеделникот вечерта тој стигна. Го доживеаја.
Како тој ќе влијае врз нив? Како тој ќе влијае врз Меркел, врз политичката сцена во Германија и врз кохезијата на германското општество?
Политички, убиството на 12 луѓе, во нападот кој зад себе остави десетици ранети, е катастрофа за владата, но уште е полош за Меркел лично. Таа се смета за одговорна за сѐ лошо што ќе се случи кога станува збор за управувањето со бегалската криза. Нејзините постапки ги поларизираа земјата и општеството, и тоа на начин кој не е виден со децении.
Имајќи го сето тоа предвид, европарламентарецот Маркус Прецел, еден од лидерите на десните, антиемиграциски популисти од АфД (Алтернатива за Германија), не требаше да чека повеќе од еден час пред да ја нападне канцеларката на Твитер: „Ова се мртви на Ангела Меркел“, напиша тој.
По неговата објава, следеше остра реакција на социјалните мрежи, особено поради тоа што сѐ уште не беше јасно дали убиецот е воопшто бегалец. Сепак, поддржувачите на АфД го пофалија Прецел за отвореното истапување.
Доколку цела АфД се постави како Прецел, тоа би можело да одврати голем број гласачи од средната класа од тоа да гласаат за нив.
Од друга страна, ова ќе го засили ксенофобното и анти-Меркел јадро на партијата, што веројатно ќе биде доволно за АфД на есенските избори да го мине прагот од пет отсто поддршка. Покрај тоа што ќе значи дека радикалната десница за првпат ќе влезе во националниот парламент, тоа ќе го искомплицира и процесот на формирање функционална владејачка коалиција“, истакнува Бломе.
Нападите ја засилуваат анти-Меркел струјата
„Јавната поддршка на Меркел значително падна кога германските власти ја изгубија контролата врз протекот на бегалци во летото 2015. Од тој момент е јасно дека постои јасна корелација меѓу нејзиниот личен рејтинг и стравот на гласачите од терористички напади.
Покрај сето ова, кампањата на Меркел за изборите во 2017 ќе се фокусира на два концепти кои би требало да им дадат гаранции на гласачите во хаотичните времиња: „безбедност“ и „без експериментирање“.
Овој слоган успешно се користи од страна на нејзината партија, Христијанските социјалдемократи (ЦДУ) од времето на Студената војна. Но, од пред два дена, пораката ќе биде значително компромитирана од берлинскиот напад, а партијата нема на располагање уверлива стратегиска алтернатива. ЦДУ тоа добро го знае. Сепак, дури ни најжестоките противници на Меркел во нејзината партија нема да се осмелат да се побунат против неа. Без план Б, ќе мора да патат во тишина.
Сѐ на што канцеларката може да се надева на тоа дека „мејнстрим“ Германците ќе го поднесат тоа на вообичаен начин – ќе се соберат зад својата влада и ќе останат смирени како, на пример, кога во 2009 беа погодени од најголемата економска криза по Втората светска војна.
Постои едно едноставно нешто што ќе одреди што следната година ќе се случува со Германија и со Меркел – рационалноста. Ќе соберат ли Германците доволно рационалност за да увидат дека терористички напади ќе има без оглед на тоа колку бегалци ќе прими земјата?
Ќе ја отфрлат ли ксенофобната и антимуслиманска реторика иако повеќето неодамнешни напади низ Европа ги извршија муслимански терористи? И на крај, ќе сакаат ли повеќето Германци храбро да ја прифатат идејата дека ништо на светот, вклучувајќи го и сочувството кон странците, не доаѓа бесплатно?“, прашува Билд.
Цената на сочувството
„Нема сомнеж дека Меркел ќе попушти пред повиците за построги закони и политика. Ќе побара побрзо обработување на барањата за азил и повеќе депортации на оние кои нема да бидат прифатени како бегалци. Ќе ѝ дозволи на својата партија во кампањата да влезе со симболични отстапки, како забрана за бурките на улиците и други јавни места. Тоа можеби ќе ги смири поддржувачите на ЦДУ. Но, Меркел добро знае дека тоа нема да биде доволно ако се случат нови терористички напади во Германија.
Како и да е, Меркел нема да ја напушти својата должност. Таа ќе остане на својата позиција, бидејќи смета дека заминувањето би било дезертирање. Сепак, каква било гаранција против терористички напади е далеку од нешто што таа, или кој било друг, може да го гарантира.
На крајот би можело да се каже дека нападот врз божиќниот пазар во Берлин е цената за германската великодушност, која гласно се фалеше пред 18 месеци. Животот со тоа фрустрирачко сознание ќе биде тестот за политичката иднина на Ангела Меркел“, заклучува Николаус Бломе, заменик на главниот уредник на германски Билд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.