Премиерот на Македонија Емил Димитриев ги осуди терористичките акти во Берлин, Анкара и Цирих и испрати телеграми со сочувство до германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот премиер Дмитриј Медведев.
„Со длабока вознемиреност и жалење ја примив потресната вест за грозоморното убиство на вашиот амбасадор, Неговата Екселенција Андреј Карлов, во Анкара. Осудувајќи го овој терористички чин, во овие исклучително тажни моменти за Вас, за граѓаните на Руската Федерација и семејството на амбасадорот Карлов, дозволете ми од името на Владата на Република Македонија и од мое лично име, да Ви упатам изрази на искрено и најдлабоко сочувство, Вам и на семејството на амбасадорот Карлов“, стои во телеграмата упатена до рускиот премиер Медведев.
Во телеграмата до Меркел тој изразува загриженост и жалење за грозоморниот терористички напад во Вашата земја, во кој животот го загубија повеќе германски граѓани и во кој поголем број граѓани се повредени.
„Во овие тешки моменти на шокираност и национална жалост, дозволете ми од мое лично име, од името на македонските граѓани и од името на Владата на Република Македонија да Ви упатам изрази на најдлабоко сочувство Вам и на членовите на семејствата на жртвите, да испратам желби за побрзо заздравување на повредените, и воедно да го осудам овој срамен и кукавички чин“, нагласи Димитриев во телеграмата до германската канцеларка Меркел.
Понатаму во телеграмата пишува: „Шокантната вест за овој терористички чин длабоко ги вознемири македонските граѓани. Тероризмот уште еднаш покажа дека не бира ниту место ниту пак жртви. Овој грозоморен напад во Берлин претставува напад врз мирот и слободата во цела Европа и напад врз европските вредности. Република Македонија остро спротивставувајќи се на тероризмот активно учествува и ќе продолжи да придонесува во борбата против најголемото зло на денешницата. Тероризмот може и мора да биде победен со заедничка одлучна и бескомпромисна борба“, додаде Димитриев во телеграмата до Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.