Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателката Радмила Шекеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски, денеска се сретна со амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.
– Мнозинството граѓани во Македонија избра промени на парламентарните избори. Мнозинската волја на граѓаните мора да биде почитувана. Република Македонија ќе добие влада којашто ќе работи во интерес на сите граѓани на Македонија – рече Заев.
Претседателот на СДСМ нагласи дека институциите се должни да работат во служба на граѓаните.
– Граѓаните се определија за добар живот, за слобода, за демократија. Тоа што граѓаните не подлегнаа на манипулациите и провокациите изминатите денови е уште една потврда дека општеството е зрело за промени. Деновите што престојат ќе покажат дека започнатите демократски процеси во Македонија веќе никој не може да ги спречи – изјави Заев.
Заев на средбата со американскиот амбасадор Бејли рече дека е разбудена свеста и дека тоа е клучот за перспективна и стабилна Македонија, во којашто доаѓа живот за сите граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.