Во пресрет на Новата година 2017, и во чест на празникот Св. Никола, проф. д-р Марија Емилија Кукубајска објави уште една оригинална книга-учебник за деца „Здрава храна – здраво дете“, која е втор дел од „Букварчето на Емилина“. Поттикната од љубовта и почитта кон децата и кон сопствениот јазик, образование и култура, таа го издаде овој вонредно корисен подарок за учениците од прво и второ одделение.
Наместо штетните слатки нешта во пакетчињата, мојот подарок „може да се користи и како главна храна и како здрав додаток на менито за описменување, утврдување и проширување на знаењето, преку содржини поврзани со значењето на исхраната“, вели авторот.
Оваа оригинална книга-учебник-сликовница излезе од продукцијата на издавачката дејност на ЕМАРИ Вашингтон/Штип, како дел од иновативната и инвентивна програма начелно креирана во серија за предучилишно и основно систематско описменување. Насловот „Здрава храна – здраво дете“ укажува на интегрирање на раната детска писменост во контекст на поими за исхраната.
Книгата содржи 1. Називи и основни информации за прехранбени продукти, овошје и зеленчук и 2. Податоци за нивниот здравствени бенефит за диетата. Во процесот на аквизиција на основните јазично-нутриционистички поими, изданието вградува фразеолошки вежби со вокабуларот и ангажира визуелна идентификација и координација во боење на содржините.
Рецензенти на „Здрава храна – здраво дете“ се истакнати педагошките и книжевни научници од Факултетот за образовни науки на УГД, професор д-р Снежана Мирасчиева, советник за образование во СО Штип, проф. д-р Кирил Барбареев, про-ректор за развој и проф. д-р Блаже Китанов, книжевник и поранешен декан на овој факултет.
Редовниот професор на Факултетот за медицински науки при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, д-р Биљана Ѓоргеска, за книгата дава свое мислење и како експерт и како родител:
„Навистина нешто ново, и со толку важни пораки за потребата од грижа за здравјето на децата, и тоа на најмала училишна возраст. Букварче од кое би посакала да учат и моите идни внуци. Читајќи го се сетив на добро познатата латинска поговорка Mens sana in corpore sano (Здрава мисла во здраво тело). Цел живот учиме, но, ако сме во можност уште на најмала возраст да добиеме сознанија за здравата исхрана, ќе бидеме во предност во поглед на грижата за здравјето на сопственото дете, и ученик. Токму и поради овој аспект во оригиналната детска литература на д-р Кукубајска, учејки ги буквите, учејки да читаме и пишуваме, учиме да се грижиме и за сопственото здравје, а со тоа ја градиме и здравата мисла, и здравото тело.“
„Нема народ и јазик на кој не се слави животот и преку почит кон храната: од христијанските трпези со храна за здраво тело и дух, до хинду и будистичките фантастични кулинарства или до муслиманските празници, храната претставува и благослов за самоконтролираниот ум и радост на душата. Но храната, како и животот со неа, не треба да чекаат празници – за богати, разновидни или здрави содржини на трпезата. Како што човештвото се договорило на времето да му дава мерливи единици, така гените во човекот се „договориле“ да бараат рамнотежа во разновидната и корисна исхрана со природни продукти. Оваа моја книга за исхрана и забава на детето-ученик е дизајнирана со когнитивни вежби и практични лекции за здрава храна, а со цел да ја зајакнува одговорноста и свеста на децата кон корисни навики за здрав режим на исхрана, што синергично ќе се одразува и на здравиот умствен и телесен капацитет за учење“, изјавува Марија Емилија Кукубајска.
Современата писателка и едукатор, професор Кукубајска, и со овој учебник навремено реагира на актуелните трендови и потреби во образовниот процес, вклучувајќи ја и македонската мисла во научните и практичните предизвици на меѓународен план. Откако се врати од САД, каде беше основач на програми за ран детски развој (EMARI, The B-Right House, Arlington, Washington D.C.) и директор на неколку детски градинки во кои градеше класичен курикулум (Los Angeles, North Hollywood), таа беше ангажирана и во основање на Универзитетот Гоце Делчев (2007) година, како раководител на Центарот за јазици, претходник на Филолошкиот факултет.
„Во првата декада од 21-от век, технолошкиот развој рапидно ја менува и свеста за културата на исхраната и стилот на живеење и учење, особено кај детската популација. Освен позитивните трендови, за жал и негативните се во агресивен напад врз времето и работните навики на детето. Детето постанува жртва и на седентарен и изолиран животен стил, физичка неактивност и погрешни нутритивни навики, а во такви здравствено неадекватни услови се развиваат и сериозни аномалии и пречки во развојот. Затоа со овие куси образовни содржини се надевам да допрам до малите ученици преку најосновни пораки за стимулирање на долготрајната природна потреба од проширен интерес и зголемено разбирање за здравата храна како инвестиција во здраво детство и младост. Содржините се очекува да го мотивираат апетит на детето и за консумирање на интелектуални како и на прехранбени содржини. И овие содржини, како и се друго, не се тешки – ако детето се труди да ги совладува и да се надминува себе си“, смета д-р Кукубајска.
Книгата „Здрава храна – здраво дете“ е втор дел од континуираниот процес за амбициозно рано описменување и аналитичко и критичко мислење. Наменета да се користи како практикум кон веќе објавената уметничко-дидактична литература „Букварчето на Емилина“ (ЕМАРИ, 2015), книгата донесува вежби на повисоко ниво за кои се бараат веќе стекнати знаења и вештини за описменување на македонски јазик.
„Букварчето на Емилина“ минатата година беше промовирано и во Порта Македонија и меѓу ученици од турската популација во с. Парналија, на планината Плачковица, како проект на д-р Кукубајска и Здружението на граѓани ЕМАРИ. Во оваа мултилингвална јазично-културолошка работилница (македонски, турски и англиски јазик) беа вклучени и Филолошкиот факултет, катедра за англиски јазик, втор циклус студии (магистрант Билјана Алексова Даневска) и катедрата за турски јазик, со ентузијазмот на проф. д-р Марија Леонтиќ и нејзината донација на свои книги за деца преведени на турски јазик.
Од предговорот: „Мали совети за здраво семејство“
Балансираната исхрана, витамините, одржувањето на психичкото и физичкото здравје во добра кондиција, се најдобриот предуслов за исполнет и среќен живот. Внесувањето на вистински хранливи состојки го доведува организмот до идеална состојба, подготвен да се бори со сезонските вирози, стресот и секојдневните предизвици. Секој човек мора да си воспостави сопствен систем за исцелување на телото, за да го воздигне своето расположение и енергија на највисоко ниво. Но, немојте да робувате на помодарството, на трендовите и на догмите. Дневниот ритам на живеење и обврските нека ви ја диктираат потребата од витамини и минерали. Зависно од временскиот период, внесувајте витамини за заштита на кожата, додатоци со антиоксидантно својство, минерали со кои ќе се чувствувате поенергично… Кога сме здрави, тогаш за здравјето и воопшто не размислуваме, но штом се појават тегоби, донесуваме драстични одлуки. Меѓутоа, најмудро е да делуваме превентивно.
Грижата за здравјето е доживотна навика, култура и начин на живеење. Се проценува дека дури 50% од хроничните болести може да се спречат со подобра грижа за здравјето во секоја животна доба.
Обидете се секојдневно да јадете доволно свежа и термички необработена храна водејќи се од мотото: нека храната биде ваш лек, а не лекот ваша храна. За добра промена никогаш не е доцна, па зошто уште денес не донесете некоја здрава одлука? Грижата за храната е грижа за здравјето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на книгата „Конзерваторско-реставраторски методи и третмани на Охридската збирка икони“од Ангелина Поповска
-
Промоција на книга раскази за Ново маало од Владимир Плавевски
-
Промоција на книгата „Љубовта на Генерал Ш“ од Лира Бојку во Паркот на книгите
-
Промоција на збирката раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски