Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе проглас со кој ги информира сите чии очи се вперени во одбраната на демократијата во Република Македонија, објави партискиот лидер Никола Груевски пред насобраните граѓани на мирниот протест пред Државната изборна комисија.
ПРОГЛАС НА ВМРО-ДПМНЕ
- Државната изборна комисија донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Работата се претвори во пародија. Имаме информација за вмешување на странски претставници со цел влијание врз некој од членови на Државната изборна комисија во правец на постизборен инженеринг и фалсификување на изборната волја на граѓаните. Некои од независните претставници на Државната изборна комисија не се независни. Незаконските одлуки на ДИК може да ги корегира Управниот суд, повикуваме да не се врши никаков притисок врз Управниот суд од никого. Доколку и Управниот суд подлегне под влијанијата од страна и ги потврди одлуките од Државната изборна комисија и се одземе победата на ВМРО-ДПМНЕ и се фалсификува слободно изразената волја на граѓаните на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување.
Аболицираниот криминалец Зоран Заев, нема да дозволиме да формира Влада со фалсификувана волја на граѓаните на Република Македонија. ВМРО- ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификувана волја на граѓаните и функционирање на институции кои го немаат легитимитетот на граѓаните на Република Македонија.
- Државата мора суверено да ги носи одлуките. Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата. Тоа мора да запре. Остануваме отворени за комуникација со сите амбасадори и претставници на други држави, но некои амбасадори кои почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика мора да престанат да го прават тоа. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи понатамошно мешање на амбасадори во внатрешно- политичките прашања на земјата и бараме да останат во рамките на своите мандати и овластувања како дипломати.
ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на состаноци и преговори со други политички партии во кои учествуваат амбасадори, странски посредници, претставници на други држави, а на кои се преговара или се носат одлуки за кои во секоја држава одлучуваат претставниците избрани од народот.
- ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандардни или хибридни решенија во било кој сектор доколку истите ги нема во други земји -членки од Европската унија.
- ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и нема да дозволи кантонизација и редефинирање на државата под било какви услови и под било какви околности.
- Ќе се бориме за ДЕСОРОСОИЗАЦИЈА на Република Македонија и јакнење на независен граѓански сектор кој нема да биде под ничија контрола. Ќе се пристапи кон регулирање на областа на финансирање на фондациите и невладините организации по теркот на најнапредните демократии во светот.
ВМРО-ДПМНЕ, и историски, и во сегашноста, и во иднина била и ќе биде прозападно ориентирана партија, наша ориентација е членство во НАТО и ЕУ и стратешко пријателство со САД. Темелна вредност на НАТО на ЕУ и на САД е демократијата. И овој проглас е проглас за заштита на демократијата во Република Македонија, додаде Груевски пред граѓаните кои протестираат пред Државната изборна комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.