Галин Стоев е роден во Бугарија каде што ја почнал својата кариера како режисер. Моментно живее во Брисел, Париз и во Софија. Дипломирал на Државната академија за театарски и за филмски уметности – Софија, а од 1991 година работи како режисер и актер во Софија каде што поставил класични автори, а подоцна се отвора и за посовремен репертоар. Имал забележителни почетоци, кои го однеле на различни места низ Европа и светот и поставува претстави на сцените во Лондон, Лидс, Бохум, Штутгарт, Москва, Буенос Аирес итн. Во 2005 година ја формира својата сопствена трупа @Fingerprint# (Fingerprint) во Брисел, а е уметнички директор во Државниот театар – Лиеж (Théâtre de Liège) и во Државниот театар Де ла Колин (Théâtre national de la Colline). Во 2007 година Стоев ја почнал својата соработка со Комеди Франсез (Comédie-Française), но редовно работи и во Бугарија, а предава и на Колеџот за уметност и за дизајн „Св. Мартин„ – Лондон (St Martin’s College of Art and Design Londres), во Театарската школа Арден – Манчестер (Arden School of Theatre – Manchester) како и на државните академии во Љубљана и во Софија. Во последно време неговата педагошка практика се одвива во форма на постдипломски студии во Париз (ARTA, ESAD), Mарсеј (La Réplique), Софија (NATFIS) и во Москва (Territoria). Деновиве работи во Скопје во Македонскиот народен театар, каде што се сретнавме за да поразговараме за премиерата што ја подготвува, сензибилитетот на македонските актери, за „Тартиф“…
Во 2014 година го поставивте „Тартиф“ во матичниот театар на Молиер, „Комеди франсез“ во Париз, Франција. Сега ја работите во Македонскиот народен театар. Кажете ни како течат пробите, задоволни ли сте од досегашната работа?
Стоев: Во 2014 година го поставив „Тартиф“ во „Комеди франсез“ и тогаш ме побара Дејан Пројковски да се договараме за соработка. Тој настојуваше да работиме некој класичен текст поради тоа што тие не се скратени и не се разместени и нема многу авторски интервенции во нив. Јас се согласив со тоа бидејќи и самиот сметам дека една национална установа како што е Македонскиот народен театар би требало да ги запознава своите посетители со класичните текстови. Самиот ми го предложи „Тартиф“ бидејќи одамна не бил поставуван и откако разгледавме различни текстови се согласивме да го поставиме „Тартиф“.
Што се однесува до актерската екипа, морам да истакнам дека јас не го познавав добро ансамблот на Македонскиот народен театар и направив аудиција и ја формирав театарската екипа што работи на претставата. Многу сум задоволен од оваа екипа бидејќи актерите иако понекогаш се хаотични или се помалку дисциплинирани, тие многу лесно можат да се запалат и многу брзо можат да се качат од едно на друго ниво. Тоа е многу добро, кога ќе ви се случи таква алхемија со актерите. Исто така, сакам да нагласам дека многу ми е драго што одлично соработуваат и техничките служби, светло, звук итн., кои со голема желба доаѓаат овде и учествуваат на пробите, гледаат… што за мене е новост. Реткост е во големите театри техничките служи и екипи да покажат такво интересирање. Мислам дека има една убава енергија меѓу сите нас и сметам дека од тоа ќе излезе интересна претстава, која ќе можеме да ја споделуваме со публиката.
Рековте дека „Тартиф“ во МНТ ќе биде сосема поинаков од тој што е поставен во познатиот француски театар бидејќи енергијата на македонските актери е многу поинаква од таа на француските. Вие имате искуство со македонските актери, па кажете ни како ја доживувате таа нивна енергија? Дали ве инспирира?
Стоев: Овој класичен текст е многу врзан за овде и сега со денешното време и современото живеење. Да влеземе во оваа опширна тема – лицемерството што се покажа како толку неискоренливо и толку присутно во секоја форма на личниот, политичкиот, семејниот и на културниот живот во секоја држава за да заклучиме на крајот дека еден лицемер може да опстојува само таму каде што другите му дозволуваат да вирее. Во таа смисла, никој во оваа пиеса не е невин, секој има дијалог и е лицемер на некакво ниво. Се покажува една многу комплексна и сложена историја и целото дело, всушност, претставува комедија за едно буржоаско семејство , богато семејство што натрупало пари и главата на ова семејство – таткото почнува да има потреба од нешто повеќе, од некоја духовна исполнетост, од гуру… од духовен развој. Тоа како импулс е многу убаво, за пофалба и е многу човечки. Историјата укажува на еден опасен микс, како бомба, како експлозија, меѓу сексуалната и духовната енергија. Всушност, силата на овој текст е вкрстувањето на тие две енергии и тоа што кога човекот е заслепен, заблуден и не мисли со сопствената глава, може да стигне и до фундаментализам. Молиер успеал да напише текст во кој најголемите теми на денешното време се измешани во едно и излегува една ѓаволска историја, која се подведува под комедија, која може да биде многу смешна. …Оттаму ние се трудиме на гледачот да му го понудиме сето ова со цел тој да биде не само набљудувач, туку и да ја следи претставата активно, во главата да му се случува нешто и да даде оцена на одредени дејства, всушност треба да заклучи дека многу е лесно да се рече: „Тартиф е лицемер, сите ние сме добри!“. Тартиф не е ништо друго, туку едно огледало што ни ги враќа нашиот одраз и нашето сопствено лицемерство.
Дали Ви беше предизвик работата со македонските актери?
Стоев: Актерите од екипата многу брзо почнаа да ја сфаќаат и да го чувствуваат начинот на раскажување на историјата и многу е интересно да се гледа како тие меѓусебно си влијаат за да нѐ водат нас како гледачи низ тој лавиринт. Веќе многу сум изморен, работиме два месеца, и еве разговараме токму пред премиерата, кога се акумулира најмногу замор, но ме радува овој момент на алхемија меѓу нас, од сето тоа што сме го натрупале досега низ процесот на подготовка на претставата, доколку се реализира, од тоа ќе излезе одлична претстава, која ќе ги покани сите гледачи од целиот свет да ја погледнат.
Во што се разликуваат македонските од француските актери?
Стоев: Прво не би сакал да ги изедначувам македонските и француските актери. Овде станува збор за различна специфика и тоа, пред сѐ, за тоа каков е културниот контекст. Во Франција, на пример, има многу силна театарска и културна традиција врзана со Молиер, Корнеј… и со другите класици, а најмногу со стиховите „александрин“ – тоа е најтесниот стих што е возможно да се измисли, но тоа на француски изгледа многу убаво бидејќи создава една певливост, ги отвора сетилата кон еден друг свет и друг однос кон мислите и кон текстот. Тоа е многу битно за француските актери до тој степен што тие некогаш не смеат да мрднат надвор од тие граници бидејќи тоа ги става во едни граници и многу им е тешко да излезат од нив. Од друга страна, овде актерите немаат некаков однос кон делата во стих, затоа што тоа не спаѓа во овдешната театарска традиција. Тукашните актери се малку невнимателни во однос на текстот, ги мешаат страниците, ги кратат репликите, ги менуваат мислите и за нив тоа не е никаков проблем. За еден француски актер тоа е невозможно. Во таа смисла, ја немаат таа прецизност кон јазикот. Од друга страна, пак, како што истакнав, македонските актери многу лесно се запалуваат и можат во тие рамки многу лесно да излезат од меѓите, да импровизираат и да прават многу интересни нешта и да се чувствуваат слободни. Францускиот актер е помалку слободен. Тој многу повеќе внимава. Овде од дивеење, радост и хаос понекогаш се случуваат многу интересни нешта, кои за да се случат во Франција ќе ми треба трипати повеќе време за да го постигнам истиот ефект. Од една страна, овдешните актери ме вдахнуваат многу повеќе и се помалку дисциплинирани и тешко е да се направи баланс, можеби полесно ќе ми беше да беа подисциплинирани… но, не ми е тешко да работам со нив.
На македонската публика сте ѝ познат со претставата „Антигона во техноленд“, која пред 15 години ја поставивте на сцената на МНТ, а претставата имаше изведби на повеќе европски театарски фестивали. Планирате ли и „Тартиф“ да гостува на некоја европска сцена?
Стоев: Многу би сакал да гостуваме со оваа екипа на некоја европска сцена, но тоа се случува постепено. Прво треба да ја направиме претставата, треба да почне да се игра и потоа да се потрудиме да доведеме повеќе различни програмски директори на театри и на фестивали, кои би се заинтересирале да покажат пред својата публика еден таков „Тартиф“. Тоа ќе го средуваме полека, јас имам намера да поканам колеги од Белгија, Франција, Италија, да ја гледаат, а и директорот Пројковски има свои контакти што ќе ги употреби. Засега му е најважна премиерата на 20 декември за публиката во Скопје, а потоа сигурно знам дека ќе гостува на Фестивал во Варна, в година, а за другите центри ќе видиме.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 224. број на неделникот „Република“, 16.12.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.