Актерот Драган Спасов Дац (53) во април минатата година го смени матичниот Драмски театар и стана член на ансамблот на Македонскиот народен театар. Во декември на големата сцена на МНТ се одржа премиерата на „Тартиф“ од Молиер, каде што тој ја игра главната улога. Во интервју за „Република“ говори за новиот колектив, за лицемерството, за татко му Стево и за синовите кои тргнаа по нивните, актерски стапки, но и за иднината на театарот.
Улогата на Тартиф во претставата на Галин Стоев е Ваша прва улога по преселбата од Драмски театар во МНТ. Како се чувствувате во националниот театар?
СПАСОВ: Во оваа мала земја ние актерите многу добро се познаваме, точно знаеме кој е кој и колку вреди. Во оваа претстава играм со уште тројца колеги со кои бевме во иста класа на ФДУ. Јас и Ѓорги Јолевски сме иста генерација. Почнавме кај нашиот професор Слободан Унковски. Во тоа време бевме бунтовници, не сакавме да нѐ води професорот што ни дојде после Унко, па намерно паднавме една година и студиравме заедно со Тања Кочовска и со Даница Георгиевска (кои беа во класата по нас), и станавме една класа.
Јас целиот свој живот бев во Драмски, можам слободно да кажам дека таму сум роден и јас сум, можеби, единствениот актер што беше врската меѓу постарите и помладите колеги. Многу размислував за постапката да го напуштам мојот Драмски и тогаш се запрашав зошто да не бидам во моментално најдобриот театар. Не само како објект, туку и по репертоар и по ансамбл. МНТ во моментов има одлични актери. Татко ми почнал од овде, потоа заедно со неколкумина други актери го основал Драмски. Еве сега јас се вратив таму од каде што почнал татко ми. МНТ е голем театар во секој поглед, и мило ми е што моментално сум тука.
Какви спомени носите од подготовката на „Тартиф“? Навистина ли е толку тешко да се научи текст во стих?
СПАСОВ: Да, секоја пиеса напишана во стих е тешко дело, како за актерите, така и за публиката што ја следи. Ако тоа не е маестрално изведено, не вреди да се гледа таква претстава. Еднаш реков дека веќе никогаш нема да играм претстава во која текстот е напишан во стих, но ние актерите знаеме да кажеме и некои работи што не ги мислиме во моментот… Стихот не трпи импровизации, а јас сум човек што сака импровизација и од тука мојата изјава, но… Јас никогаш не сум учел текст дома, ова е првпат да седнам и да учам, буквално да бубам и да ме испрашуваат по дома (најмногу ќерка ми Јана која, буквално, го научи половина текст). Го снимив на диктафон, па шетав низ дома и го повторував. Потоа целиот текст го препишав на ајпад, ужас! Навистина многу се трудев околу текстот. Но, кога ќе се научи таков текст, навистина е задоволство и потоа можеш да се „играш“ со него како сакаш.
Со Ѓорги Јолевски сте колеги од студентските денови и пријатели. Кога последен пат сте играле заедно на сцена?
СПАСОВ: Јас сум скаран со годините, но затоа е тука Ѓорги да потсети. Последен пат игравме заедно во Драмски, во претставата „Вообразен болен“, оттогаш не сме биле партнери на сцената точно 22 години. И многу ми е драго што повторно сме заедно во иста претстава, сега веќе поискусни и позрели, да не речам постари. Соработката со Ѓорги е едно ново искуство кое го имав заборавено и буквално се разбиравме со поглед.
Дали лицемерството е заразно? Се шири ли како заразна болест насекаде?
СПАСОВ: Сѐ повеќе гледаме како „се лиже задник“ на некој „поважен“ за да се добие нешто повеќе за себе. Мислам дека луѓето порано имаа образ, се ценеа себеси и држеа до себе. Денес луѓето немаат свое мислење, сѐ им е наметнато и не избираат начин да дојдат до функција. Тоа е жално.
Дали Тартиф е лицемерен, а сите ние сме добри?
СПАСОВ: Самата пиеса потсетува на времето во кое живееме. Секој за себе мисли најдобро, секој е кројач на разни судбини, секој мисли дека е компетентен да одлучува за нешто што и самиот не знае да го дефинира, а самиот не е способен или не е образуван за такво нешто. Но, да се вратиме на Тартиф. Во „Тартиф“ не се знае кој е нормален. Освен улогата на Дорина (Тања Кочовска), сите други се „изместени“. Тартиф е напишан безвременски, но Молиер прво го напишал без последната сцена, каде што како деус екс машина доаѓа полицаецот и кажува дека Тартиф е лошиот и сега ќе го ставиме во затвор. Додека не била напишана таа сцена, претставата не смеела да се постави во театарот бидејќи му се потсмевала на општеството и долго време била во „бункер“. За да може да се изведе пиесата, Молиер морал да ја допише таа сцена.
Вака, со обоена коса многу потсетувате на Вашиот татко Стево. Што Ве научи тој во животот?
СПАСОВ: Стево ме научи на бидам човек, пред сѐ. Јас имам дел од неговата смиреност и добро е што е така зашто мојата природа е далеку од мирен човек. Стево беше одличен актер. Во нашите разговори кои можеа да траат со часови, тој ме научи на многу нешта. Знаевме да седиме и да разговараме на сите теми од животот. А, театарот што е? Театарот е живот компресиран во еден и пол или два часа. Единствена наша претстава, за жал, беше „Чернодрински се враќа дома“, а мојата монодрама „Облачна исповест“ беше посветена токму на него. За жал, не успеа да ја види. Почина за време на подготовките. Тогаш реков дека веќе нема да подготвувам монодрама, и држам до тоа.
Вашите синови ја одбраа Вашата професија. Им се спротивставивте ли на изборот или ги поттикнавте?
СПАСОВ: Напротив, мислам дека оваа професија е фантастична ако се држите до репликата на Горан Стефановски: „Биди најдобар или ништо“. Јаков, постариот, прво студираше маркетинг и менаџмент. Но, тоа не беше во неговата природа. Кога ми рече дека сака да оди на Академија, се сетив на татко ми кога првиот пат го слушна мојот монолог за приемниот испит. Ме ислуша и ми рече: „Немој да одиш, да не ме срамиш таму“. Тој го кажа тоа за да ми удри клоца и да ми даде ветер за повеќе да се трудам. Тоа го разбрав подоцна, но во тој момент ми беше многу тешко. Со Јаков направивме одличен приемен и мило ми е што одлично се развива. Стефан, пак, по трета година во „Корчагин“, се запиша на Академија. И со него го подготвував приемниот. Тој, за разлика од Јаков, од малечок имаше „запишано” дека ќе оди на глума. Веќе и двајцата снимаат и почнуваат да ги прават првите чекори на сцената. Имаат уште да учат и мислам дека еден ден ќе се зборува за нив. Драго ми е што се таму каде што се и сакам еден ден да заиграме сите заедно на сцената.
Што му недостига на театарот денес?
СПАСОВ: Му недостига едно старо време, каде што немаше телевизори од кои ќе можеш да го симнеш кој филм сакаш, да го паузираш, да вратиш, да гледаш програма од вчера. Мислам дека технологијата го гази театарот. Но, затоа театарот треба да знае како да ја употреби таа технологија за да ја врати публиката, и веќе успева во тоа. Театарот е нешто што не се доживува по дома. Треба да се дојде во него. Театарот е магија што ќе трае засекогаш.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 229. број на неделникот Република од 20.01.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“