Генерациите што порасна со претставите на Тања Кочовска – Павловска во Театарот за деца и младинци сега се доволно возрасни да го гледаат раскошниот актерски талент на Кочовска на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во мјузиклот „Чикаго“, во „Животот е прекрасен“ и во „Тартиф“. Кочовска сѐ уште е членка на ТДМ, театарот каде што ги игра секогаш актуелните „Пипи Долгиот Чорап“, „Пат околу светот“, „Македонска приказна“, „Петар Пан“, „Могли“ „Грдото пајче“, „Волшебникот од Оз“, „Девојчето со кибритчиња“, но наскоро се очекува нејзино префрлување во националниот театар.
Со полни 50 години, со огромно театарско и животно искуство, меѓународни награди и безброј насмевки што ги измамила на лицата, Кочовска е пример за младите колеги како се сака и се цени работата. Секое вложување се исплати, затоа и режисерите од светски калибар како Александар Морфов и Галин Стоев ја повикаа да биде дел од нивните претстави. За неа велат, доволно е само да се појави на сцена. Ама сама знае колку труд е вложено во секоја улога што ја толкува.
Колку голготи треба да се поминат во животот за да се стаса таму каде што сте сега на професионален план?
КОЧОВСКА: Многу. И тие се секојдневни голготи. Посебно кога станува збор за работа, бидејќи тоа е процес. Навидум глумењето е едноставно, но е многу специфично и тешко. Затоа и на помладите колеги постојано им говорам дека треба многу да се работи. Ете, и да се достигне едно ниво, тоа треба да се одржи. И пак ќе речам, треба многу работа.
Една генерација веќе Ве препознава како актерка во Театар за деца и младинци, ама сега таа повозрасната повторно Ве открива како актерка, но на сцената на МНТ. Но, што е со таа младинската генерација?
КОЧОВСКА: Ние во ТДМ имаме младинска сцена. Таа требаше навреме да се етаблира за да може младинците, кои се во некоја меѓувозраст, да имаат што да гледаат. Тие прво доаѓаат во ТДМ и гледаат детски претставипа, потоа веднаш се на сцена за возрасни. Да бидам искрена, во детските претстави повеќе играм за возрасните. На еден начин играм двосмислено, за возрасните, но и децата да ме разберат. Младинските претстави би требало да се играат во одредени денови. Кога почнав да играм на сцената на МНТ прво мислев дека ќе мора повторно да се докажувам како актер. Единствено што ми остана е Бог и мојата работа и почувствував дека, навистина, немам потреба да се докажувам. Станува збор за 23 години макотрпна работа.
Малкумина знаат дека Вашите почетоци се на сцената на Драмски. Што Ве натера сега да дојдете во МНТ?
КОЧОВСКА: Официјално, јас сѐ уште не сум член на МНТ. Ќе видиме што ќе се случува. Долго време се мислев што да правам. Јас израснав во ТДМ. Меѓутоа, решивме со Предраг кога веќе патиштата нѐ водат на друга страна, да испробаме и нешто друго. Утре да не ни биде криво. Оставам како ќе се наредат коцките.
Дали во помладите актери на ТДМ гледате Ваш наследник?
КОЧОВСКА: Да. Никогаш не се ставам на пиедестал во однос на тоа што сум го направила. Да, свесна сум за сѐ, но тоа носи многу обврски, одрекувања, багаж плус. Многу е тешко сето тоа што си направил, да го одржиш. Ние не сме глумци за една година или две, туку за цел живот. Треба многу години работа за да можеш да речеш дека стабилно стоиш со двете нозе цврсто на земја. Секој нов проект бара многу работа. Се работи цел живот. И многу е важно да се почитува нечија работа. Секогаш аплаузот е добредојден, но голготата е голема.
Отсекогаш сте важеле за голем работник. Како успевате да бидете дисциплинирана и по 25 години работа?
КОЧОВСКА: Па, веројатно, така се раѓаш и така живееш цел живот. Од тоа нема бегање. Потребни се голема одговорност и работа. Јас и по толку години сѐ уште не сум првенец на театарот, во однос на платата. Но, никогаш не ги загубив ентузијазмот и желбата за работа за да го постигнам максимумот. Сум работела на многу проекти и би можела да кажам: ех, ова е лесно. Но, не е така. Секогаш почнуваш од почеток. Секогаш си на испит.
Што имате да им порачате на младите актери?
КОЧОВСКА: Има млади што се свесни дека им е потребно многу работа. Така и настапуваат, сакаат да научат. Но, има и такви што мислат дека се веќе готови глумци и за нив „нема зима“. Па бараат специјални услови што мене нема да ми текне да ги побарам. Треба да го знаат редоследот на нештата. Да ја зачуваат почитта кон постарите актери. Јас сѐ уште со десет очи и уши ги следам и слушам постарите актери, кои секогаш имаат што да кажат. На тој начин црпам од нив. Сите на таа возраст сме биле полни со себе и мислевме дека од нас почнува театарот. Но, не е така! Не почнува од никого. Се знае кога почнал театарот. Сега ние треба да ја продолжиме таа нитка. Сите ние сме донеле нешто свое. Меѓу младите има фантастични актери и јас учам од нив. Меѓу актерите има и такви што сметаат дека театарот почнал од нив. Извините, ама не почнал ни од мене.
Задоволни ли сте со постигнатото?
КОЧОВСКА: Јас по природа сум човек што сака уште, уште, уште. Благодарна сум на сѐ што ми се случило досега. Кај нас има едно непишано правило дека нема многу грижа за актери што сакаат да работат и се надарени за нешто. Не сакам да навредам никого. Благодарна сум за шансите што ми биле дадени и мислам дека ги оправдав. Мене ништо не ми значи дали играм главна или споредна улога. Мене ми е важно да играм. И улогата ќе ја подготовам како да е главна.Сакам да работам и да се занимавам со театар. Тоа ми е нешто што ми е главно во животот и што го сакам. Се дружам со луѓе што ги сакам. Имаме пријатели од театарот, но и такви што не се дел од оваа бранша. Среќни сме и така си живееме. Многу сакам да патувам. Често и сама. Оваа година со Марија, колешката, решивме да одиме во Москва. Патувањето ме храни.
Ви поминува ли еден ден без смеење?
КОЧОВСКА: Мене секој ден ми поминува со смеење, караница, солзи. Тоа е нашето секојдневие. Ако еден ден се смеам, другиот ден имам за плачење. Никогаш човек не може да се отпушти и да рече еве сега сум задоволен. Сакам јас да бидам одговорна за моите потреби.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 238. број на неделникот Република кој излезе во печат на 24.3.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“