Со силен аплауз и со стоечки овации беше поздравена премиерата на „Тартиф“ во режија на Бугаринот Галин Стоев која синоќа се случи во Македонскиот народен театар (МНТ). Втората изведба на безвременскиот „Тартиф“ е закажана за вечерва во 20 часот.
Драган Спасов – Дац го толкува главниот лик – лицемерниот Тартиф кој се служи со измама на луѓето кои му се потребни за да дојде до саканата цел. Тартиф има одлична способност брзо да ги открие слабите страни на човечката душа и со тоа да манипулира со луѓето.
Ова е прва улога на Спасов – Дац во МНТ, откако од Драмски се пресели во ансамблот на националниот театар. Со другарот од студии и пријател Ѓорѓи Јолевски кој го толкува ликот на Оргон се одлична двојка на сцената и режисерот Стоев одлично им ги поделил улогите во претставата. Како што истакнаа и двајцата пред премиеата, по 23 години повторно глумат заедно и се радуваат на соработката. Публиката не почувстува дека тие одамна не биле партнери на сцената. Напротив, како вчера последен пат заедно да работеле. Во тоа се состои и нивната големина.
Во претставата гостува и Тања Кочовска, чиј матичен театар е Театарот за деца и младинци. Нејзината изведба на придружничката на Маријана, Дори никого не остави рамнодушен во салата.
Во актерската екипа се и: Даница Георгиевска (Елмира), Владимир Јачев (Клеант), Тања Кочовска (Дорина), Катина Иванова (г-ѓа Пернел), Дарја Ризова (Марјана), Оливер Митковски (Дамис), Никола Ацески (Валер), Александар Микиќ (г. Лојал), Кире Ѓоревски (Полицаецот) и Тања Ивановска (Флипот).
Сценограф на претставата е Венелин Шурелов, костимограф Елица Георгиева, а композитор на музиката Саша Карлсон. По двете премиери, првата реприза на новиот „Тартиф“ е в сабота, 24 декември.
Стоев пред две години го постави Тартиф во „Комеди Франсез“ во Париз, односно славниот Дом на трупата на Молиер, со кој соработува од 2007 година. На прес-конференција по повод премиерата рече дека скопскиот Тартиф е нова верзија, различна од таа во Франција.
– За мене беше важно претставата да е многу поразлична од таа во „Комеди Франсез“. Мислам дека не треба да се прави копирање на некоја претстава, туку секојпат се приспособувам на спефициките на екипата, на можностите на театарот и најмногу таа да се вклопува во локалниот контекст за да стане претстава која прво би имала смисла тука, рече Стоев.
„Тартиф“ не е само најголемата комедија која ја напишал Молиер, туку и едно од најубавите дела на светската книжевност. Преку главниот лик е прикажна целата сложена психологија на побожен лицемер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.