Една од најчестите видови подвоена личност е онаа што реферира на месијанизам. Душевноболниот, обично, мисли дека е месија – божји помазаник или пратеник, според старозаветниот религиозен концепт на древните Хебрејци, кои го чекале оној кој ќе ги спаси од Вавилон, кој, во случајов, добива гревовна и морално пропадната конотација и ќе ги извлече оттаму. Како што Мојсеј ги изнесе од ропството египетско.
Но, месијата е избавител на душите, тој ги простува гревовите, ги чисти луѓето од злото и ги воведува во Израел, во небеската држава или, ако сакате, според Тома Аквински – во Божјата држава.
Кога се појавил Исус од Назарет, народот се поделил. Едните го прифатиле како месија (по христијанското толкување – Божји син), а другите, посебно оние, елитни слоеви во општеството, како фарисеите и садукеите, но и револуционерно ориентираните против римското ропство – зилоти, почувствувале голем анимозитет кон него. Тие, всушност, стравувале дека прифаќањето на месијата значи автоматско и неповратно губење на нивниот авторитет, со што опасно би биле загрозени нивните поволни и влијателни позиции во општеството.
И, тука гледаме, како политиката подмолно, но не и помалку агресивно, се вмешува во оваа, по сѐ, духовна афера.
Опонентите на месијата плетат злобен заговор користејќи го римскиот намесник Понтиј Пилат како орудие во обидот за физичкото ликвидирање на Исус од Назарет, кого народот масовно почнува да го препознава како Божји пратеник.
Прогласен за еретик и бунтовник против авторитетот на Римското Царство, Исус од Назарет бива погубен од римските окупациски власти со распнување, казна, наменета за најтешките престапници.
Потоа, Римската Империја, заедно со своите провинции и сатрапии, влегува во беспоштедно прогонување на верскиот култ на Исус Христос и на неговите следбеници.
И тоа трае следните неколку века, сѐ до појавата на царот Константин Велики, кој со Миланскиот едикт ги стави христијаните надвор од прогонот на римската власт.
Во меѓувреме се проценуваат десетици милиони погубени христијани во ужасните погроми, организирани од римските власти против нив сето тоа време. Во ваква атмосфера, култот на Божјиот син (месијата) се шири минувајќи најразлични, дури и морничави фази (за време на Инквизицијата), но и во нови погроми, што во меѓусебната секташка поделеност, но и во исламските освојувања на христијанските земји, се масовно вршени.
Во секој случај, христијанството денес е најголемата светска религија, барем што се однесува до централната оска на верската проекција, а тоа е личноста и делото на Исус Христос.
Во Христа верува (барем номинално) повеќе од половина од планетарната популација, што сведочи за неговата автентична духовна сила, за неговите дела и за неговата оправдана историска мисија, што за човештвото, барем за оној посветениот дел – е вистински месија и Божји син.
Но, претенденти на месијански статус има многу. Ги имало и во минатото, и во сегашноста, и секогаш ќе ги има.
Сепак, да се добие позицијата на „месија“ е ужасно тешко. Кога некој спиритуално талентиран човек ќе се впушти во ваква фиксација, тогаш сите ѓаволи од овој свет ќе се соберат за да му покажат колку е луд, глупав и неспособен, за на крајот да му го опседнат умот и да го доведат во ужасни состојби. Обично, вака разбиени од нечестивите, потоа ги носат во лудница. И таму им е крајот.
Но, некогаш самиот претендент за „месија“ е итар како и самиот ѓавол. Некогаш дури и поитар, посебно ако се работи за жена, некоја посебна жена, која сака да си изгради божествен статус, статус на пророчица или, едноставно, божица, реинкарнирана во човечко битие (како Лилит, на пример).
Со слабеењето на авторитетот на црквата, некаде во времето на рационализмот и по Француската буржоаска револуција, пазарот на пророци и лажни месии, на свети учители и разноразни гуруа, нагло се зголеми иако и пред тоа бројот на претендентите воопшто не беше мал. Тие што беа во рамките на христијанскиот култ, ги гледаа како еден вид бенигни, душевно болни индивидуи, додека оние што излегуваа надвор од култот беа прогонувани и екстерминирани. Обично, палени на клади.
Во новото време, времето на просветителството, овие репресирани окултни и пагански групации доживеаја процут. Посебно во Франција, Германија и во Британија, во времето на романтизмот и симболизмот. Тогаш во културата се појави едно силно антихристијанско чувство, посебно од тогаш авангардната филозофска, книжевна и уметничка елита.
Атеизмот процвета во Европа при крајот на 19 и почетокот на 20 век. Сепак, култот на Исус Христос воопшто не претрпе никаква деградација, и покрај сите обиди на овие мислители да го уништат најмногу затоа што тие исти филозофи самите изразуваа, не така ретко, и експлицитни обиди да бидат воспоставени како култ. Како пророци или месии на една нова идеолошка визија, која ќе ја замени религијата – „опиумот за народот“, но која повторно ќе создава олтари на обожувањето, овој пат на умствениците што го „спасиле“ народот од илузиите и од темното мачеништво на неосвестеност. Потоа, од злобата на капиталистите и од сѐ друго што е поврзано со традицијата… но оваа игра оди до бескрај… до судниот ден.
Да се нарече една политичка предизборна кампања „За живот“ звучи ако не потполно очајно или, пак, ужасно патетично (за оние со смисла за хумор), тогаш барем беспоговорно, мора да признаеме, дека тука има силни асоцијации на месијанизам.
Ако кон ова ги додадеме и интимните сведочења на лидерот на СДСМ, дека бил црпнат од нива од страна на некоја неидентификувана „натприродна сила“ за да ја изврши својата „мисија“ на земјава (Македонија, Струмица или Муртино, кој ли ќе го знае…), тогаш гледаме дека имаме еклатантен пример за еден вид подвоена личност, за ментално болна личност, која во себе одгледува неколку тврдокорни карактери. Едниот е симпатичен и непосреден земјоделец, другиот е итар и алчен опортунист, а третиот е „месијата“, избраниот од „бога“ (или, можеби од нечестивиот), со мисија да завладее со срцата и душите на луѓето. А кој се спротивстави – исчезнува од просторот за живите.
Инаку, овие карактери понекогаш се игнорираат меѓусебно. Токму затоа излегуваат толку многу лаги со таква леснотија од Црпко – новиот македонски политички „месија“. Лаги, кои го компромитираат и деконструираат и го прават потполно неспособен за она место, кое неговата амбициозност така лудачки го посакува. Залудно. Народот гледа. И да не беше толку тажно, ќе беше бескрајно смешно.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.