| четврток, 6 декември 2018 |

Недела на словачки филм во Кинотека на Македонија

Од 9 до 14 декември, во Кинотеката ќе се одржи филмски циклус посветен на словачката кинематографија. Циклусот е составен од 5 словачки филмски класици, меѓу кои и филмови кои не биле по мерка на власта и биле забранувани. Ова е одлична можност македонската публика да ги продлабочи знаењата за историјата и кинематографијата на Словачка, откако претходно, во 2014 година, Кинотеката, со поддршка на Словачката амбасада, прикажа еден обемен циклус современи словачки филмови.

ДЕНОВИ НА СЛОВАЧКИ ФИЛМ

9 декември (петок) 20:00 ч.

10 декември (сабота) 17:00 ч.

БОКСЕРОТ И СМРТТА

(Boxer a smrť)

Игран филм, Словачка

1963 г., 120 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Петер Солан (Peter Solan)

Сценарио: Јозеф Хен (Józef Hen)

Улоги: Стефан Квиетик, Манфред Круг, Валентина Тиелова (Stefan Kvietik, Manfred Krug, Valentina Thielová)

Во нацистички логор, еден затвореник што се обидел да избега, чека егзекуција, но е поштеден кога командантот, поранешен боксерски шампион, открива дека затвореникот е боксер аматер. Командантот, кој се досадува удирајќи само во боксерската вреќа, му дава шанса на затвореникот кој станува негов спаринг партнер. На почетокот, затвореникот не може да издржи ниту една рунда, но тој започнува да добива поголеми и подобри и оброци и станува сѐ појак. Затвореникот тренира и постепено ги враќа своите вештини. На крајот тој може да издржи 10 рунди против командантот. Судбината на боксерот во логорот е искористена да се потенцираат злоделата што се случувале во концентрационите логори во Втората светска војна. Филмот се базира на животот на полскиот боксер Тадеуш Теди Пјетриковски (во филмот името на боксерот е Јан Коминек) и на новелата на Јозеф Хен. Во 1989 г. направен е холивудски римејк на овој филм, ПОБЕДАТА НА ДУХОТ , во режија на Роберт М. Јанг, а со Вилијам Дафо и Едвард Џејмс Олмос во главните улоги. БОКСЕРОТ И СМРТТА и ден денес останува еден од најдобрите „боксерски“ филмови на сите времиња.

11 декември (недела) 20:00 ч.

СОНЦЕ ВО МРЕЖА

(Slnko v sieti)

Игран филм, Словачка

1962 г., 90 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Штефан Ухер (Štefan Uher)

Сценарио: Алфонз Беднар 

Улоги: Маријан Бијелик, Јана Белакова, Олга Салагова  

Олдрих Фајоло Фајтак, студент што вербално ја малтретира неговата девојка Бела, оди во доброволен летен работен камп на фарма каде се запознава со нејзиниот дедо. СОНЦЕ ВО МРЕЖА е клучен филм во развојот на словачката и чехословачката кинематографија од советски соцреализам кон новиот бран на социјално критички и експериментални филмови што во 60-тите се појавуваат во Чехословачка, главно, поради релаксација на комунистичката контрола. Филмот воведува многу дотогаш неприфатливи социјални и политички теми: родители што не се грижат за децата, мажи кои имаат љубовници, тинејџери што менуваат партнери, обид за самоубиство, бедни и лошо организирани колективизирани фарми, презирот на младите кон „доброволните“ работни кампови… Сето тоа е прикажано низ приказна што е реализирана во реалистичен манир и во урбана сценографија. Меѓу другото, режисерот е инспириран и од италијанскиот неореализан, од синемаверите, дијалозите се егзистенцијалистички… СОНЦЕ ВО МРЕЖА се стекнува со култен статус во богатата чехословачка кинематографија и во анкетата спроведена помеѓу чешките и словачките критичари во доцните 90-ти години, СОНЦЕ ВО МРЕЖА е на листата од десетте најдобри филмови.

12 декември (понеделник) 11:00 ч.

ПТИЦИ, СИРАЦИ И БУДАЛИ

(Vtáčkovia, siroty a blázni)

Игран филм, Словачка

2069 г., 78 мин., колор, блуреј

Режија: Јурај Јакубишко 

Сценарио: Јурај Јакубишко 

Улоги: Филипе Аврон, Јиржи Сикора, Магда Васарјова  

ПТИЦИ, СИРАЦИ И БУДАЛИ е филм за тројца млади кои се сираци поради политичко насилство. Филмот е сместен во неопределено време и место, и преставува парабола за тројца луѓе, соочени со тежок, насилен свет коишто преживуваат воспоставувајќи детска филозофија на живот и живеење на глупаво и безгрижно одбивање на реалноста.

Јорик, Марта и Ондреј стануваат сираци по Прашката пролет во 1968 година. Тројцата млади наоѓаат засолниште во бомбардирана црква и тука воспоставуваат еден надреалистичен и архаичен живот, базиран на филозофијата на неприфаќање на животните околности и безгрижна игра, со цел да се преправаат дека уживаат во слободата што ја немаат. Секој лик поминува низ процес на растење, откако Јорик и Ондреј се натпреваруваат да воспостават однос со Марта, клучниот заплет во филмот, што на крајот ескалира во непредвидливи последици. Поради негативната, безнадежна и несоцијалистичка содржина, филмот бил забранет веднаш по кратката дистрибуција. Забраната е симната во 1990 година, кога започнува неговото успешно прикажување по фестивалите.

13 декември (вторник) 20:00 ч.

ПАТ ПРЕКУ ДУНАВ

(Chodník cez Dunaj)

Игран филм, Словачка

1989 г., 90 мин., колор, блуреј

Режија: Милослав Лутер 

Сценарио: Владимир Корнер, Мирослав Лутер 

Улоги: Роман Лукнар, Владимир Хајду, Георгијана Тарјан 

Трагична приказна што прикажува двајца млади пријатели во периодот на Втората светска војната кога е воспоставено постоењето на Словачката Држава и протекторат на Бохемија и Моравија. Еден вработен во Словачката железница, Виктор Леса, Словак, редовно испорачува пратки на железничката станица во пограничниот град Лудендорф (Брецлав). Младешката импулсивност е причина намерно да преупати важна поштенска пратка. Откако гестапо се појавува во градот, тој е обвинет за саботажа и е принуден да побегне преку границата заедно со неговиот чешки колега и еврејски поштенски службеник Франтишек Тихачек. Филмот е победник на 30-тиот меѓународен телевизиски фестивал во Монте Карло. И покрај тоа што филмот има многу акција, смеа и возбудливи ситуации, преку живописните ликови опишана е трагедијата на едно време.

 

14 декември (среда) 20:00 ч.

ЈАС ЉУБАМ, ТИ ЉУБИШ

(Ja milujem, ty miluješ)

Игран филм, Словачка

1989 г., 95 мин., колор, блуреј

Режија: Душан Ханак 

Сценарио: Душан Ханак 

Улоги:Роман Клосовски, Ива Јанзурова, Милан Јелиќ

Писта е осамен ерген, работи во пошта, пие за да ги надмине комплексите од неговиот мал раст и грозен изглед. Безнадежно е вљубен во својата колешка Вјера, која, пак, е безнадежно вљубена во Винко, пријателот на Писта. Со судбината како негов противник, тој се обидува да надомести со хумор. Режисерот Ханак се интересира за обичниот човек и преку него ги бара вистинските вредности, хуманоста, градејќи трагикомична атмосфера на руралната средина. За да ја изгради својата поетика, тој бира актери што изгледаат многу обично и со ништо не се истакнуваат од толпата. Типови што обично ги сретнуваме на улица. И затоа тој за овој филм избрал непознати актери како Полјакот Роман Клосовски или Србинот Милан Јелиќ. Филмот е добитник на Сребрена мечка на Фестивалот во Берлин.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top