Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на отворањето на изложбата „Аудиотехника – професија, страст и уметност“ што се одржува на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
На изложбата, изложени се повеќе експонати – радио приемници, звучници и друго од приватни лица, меѓу кои и шест отстапени од шефот на државата.
На изложбата, чија цел е популаризација на аудиотехниката во Република Македонија, претставени се повеќе експонати што се одликуваат со различна аудио, уметничка и раритетна вредност прикажувајќи го развојот на аудио-техниката во минатото и денес.
Институтот за електроника при ФЕИТ, со предметите што ги негува, уште од шеесетите години на минатиот век ги покрива основите за градбата на речиси сите уреди во аудиотехниката – од ерата на електронските цевки, преку ерата на биполарните транзистори, па се до дигиталните аудиосистеми.
За аудиотехниката од посебно значење е негувањето на областа електроакустика која покрај проучувањето на физиката на звучните појави и акустиката на просториите, исто така се занимава со носачите на звук и со електроакустичките преобразувачи-микрофоните и звучниците. Во денешното „дигитално информатичко време“, современа база на знаења од аудиотехниката младиот инженерски кадар од ФЕИТ добива со областа дигитални аудиосистеми.
-Оваа година воведовме нова студиска програма од областа на мултимедиски технологии, која покрај другото ја обработува и проблематиката од аудиотехниката, изјави деканот на ФЕИТ проф. д-р Миле Станковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.