| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на дела од Мартиноски, Личеноски, Коџоман, Мазев, Чемерски наследени од сукцесијата на СФРЈ

Дела од најпознатите македонски автори заслужни за равојот на македонската модерна уметност во 20. век, како Личеноски, Мартиноски, Коџоман и Мазев, се меѓу 46-те платна од македонски автори наследени во процесот на сукцесија на поранешна СФРЈ. Делата првпат се презентираат пред македонската јавност во рамки на изложбата отворена денеска во мултимедијалниот центар Мала станица при Националната галерија на Македонија.

Директорката на Националната галерија на Македонија Дита Старова Ќазими на отворањето на поставката истакна дека станува збор за настан од историско значење за Македонија, македонската култура и особено за ликовната уметност.

– Нашите дела од наши македонски автори долги години ги украсувале просториите на амбасадите, конзулатите и мисиите на СФРЈ, а подоцна и на бившите југословенски републики, недостапни за пошироката јавност, секоја на различна дестинација далеку од матичната Македонија. Овие 46 дела се донесени од над 20 различни држави, некои од нив пропатуваа од најдалечните Мексико, Каракас, Перу, Токио, Њујорк, за конечно овој ден повторно да се најдат тука во Македонија каде што и припаѓаат. Ова се дела на наши автори – Мартиноски, Личеноски, Коџоман, Мазев, Чемерски и бројни други чија работа оставила голема трага во македонската култура, создадени во периодот по Втората светска војна, дела што досега не биле изложени за широката културна јавност, дела што ќе го збогатат културното наследство на Република Македонија, рече Старова Ќазими.

133467888Според директорот на Управата за културно наследство на РМ, Виктор Лилчиќ, изложбата е финале на една моќна ликовна мисија која ја нарече „Боите на Македонија“, а за која најзаслужни се, вели, Министерството за надворешни работи и Министерството за култура како и другите институции кои беа вклучени во процесот на сукцесија на заедничкото југословенско наследство.

– Со враќањето  е овозможено 46-те македонски врвни уметничко-цивилизациски блесоци да ја завршат далечната мисија и од денес да започнат нова мисија, тука од РМ. Тоа е мисија за надополнување и јакнење на постојниот матичен ликовен фонд, мисија за зајакнување на нашето современо цивилизациско зрачење во регионот и кон светот, но од нашата матична територија од каде во институцијата или институциите на депонирање, рече Лилчиќ.

133467889На отворањето на изложбата присуствуваа вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, историчари на уметност, ликовни уметници и други гости. Владата треба да донесе одлука во кои институции ќе бидат депонирани овие 46 дела кои претставуваат поголем дел на уметнички слики од македонски автори преземени како движен имот во сукцесијата што и припаднаа на РМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top