Победите над Елверум и над Татран Прешов го оставија Металург да биде господар на својата судбина, па со триумф на утрешниот дуел во Шпанија против Ла Риоха македонскиот вицепрвак би се искачил на второто место во групата и би се нашол на само еден чекор до пласман во следната фаза од Лигата на шампионите. Секако дека предизвикот не е мал, Ла Риоха е тим што игра особено добро на домашен терен, а дополнителен проблем создава повредата на Кузмановски што дополнително ќе ја намали ротацијата на бековската позиција. Сепак, капитенот Филип Талески најавува беспоштедна борба од страна на сите ракометари на Металург, кои ќе дадат се од себе за да стигнат до позитивен резултат и на ова тешко гостување.
– Имаме многу причини за добра и борбена игра против шпанскиот вицепрвак, а една од нив е шансата да обезбедиме место во баражот за пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите. Нѐ мачат многу повреди во екипата, но сигурен сум дека сите што ќе излеземе на терен, ќе дадеме максимум и ќе одиграме квалитетни и борбени 60 минути. Знаеме дека Ла Риоха има квалитетен состав, кој знае добро да одигра на домашен терен и кој е еднакво опасен од сите позиции. Повторно ја анализиравме нивната игра знаеме што нѐ очекува. Најважно ќе биде во мечот да влеземе максимално концентрирани и да одиграме според договорениот план и тактика – изјави Талески.
Со победа над шпанскиот вицепрвак Натурхаус Ла Риоха избраниците на Лино Червар ќе бидат на чекор од пласман во баражот за осминафиналето од Лигата на шампионите (потоа ќе биде потребна и победа дома, над Чеховски медведи), остварување, што е неколку чекори над претпоставките и на најголемите оптимисти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.