Поразот на изборите во бастионот на Албанците го налути лидерот на ДПА, Мендух Тачи, па целиот бес го истури врз тетовци со порака дека никогаш нема да им прости. Во интервју за „Дневник“ вели дека вината за загубата исклучиво ја гледа кај изманипулираните Албанците од Тетово кои, во негов директен стил, ги прогласи за продадени души. Тачи порача дека нема намера да замине од лидерската функција, ниту да прави промени во партијата бидејќи ДПА е победникот кај Албанците.
– Ова не беа избори во Германија, туку беа катастрофални избори на кои на студенти им беа одземани индекси и беа уценувани дека ако не го активираат цело семејство да гласа за ДУИ, нема никогаш да положат, потоа ослободуваа криминалци од затвор и поткупуваа гласачи. Супер што изгубивме во Тетово оти мислам дека ова повеќе нема да им овозможува на тетовци да бидат лицемерни. Тетовци имаа едно образложение зошто да не гласаат за мене и за Сади Беџети, но имаа стотина причини да не гласаат за Али Ахмети и за Теута Арифи. Арифи е внука на познатиот удбаш од Тетово, такви се и Фатмир Бесими и Ахмети. Албанците од Тетово се продадоа, некои за да ги заштитат работните места, некои за 500 денари. Брзо ќе сфатат дека не изгубила само партијата, туку и тие. Ако сакаа мене да ми се одмаздат, не го прифаќам тоа. На дел од нив им порачувам дека се предавници, поткупени души и оти немаат врска со никаков морал. Во сите општини освоивме двапати повеќе гласови, само во Тетово сме во минус 1.000 гласа. Ќе инвестирам да им биде што е можно полошо, неиздржливо. Секое утро кога ќе пијат вода, да им биде како отров. Секој ден кога ќе се видат во огледало, да си речат дека се продадени души, дека се предавници. Ги знам аргументите дека „дупките“ на Сади Беџети беа причина да не гласаат за него. Ве молам, па Арифи и Ахмети пет години ги лажат тетовци дека ќе направат библиотека, театар, индустриска зона. Во 2009 и во 2010 година парите од буџетот на Владата за водата во Тетово отидоа во Зајас. Горд сум што успеав за мене да гласаат 13.700 Албанци од Тетово што се чесни. Одговарам само пред нив, другите ги сметам за ѓубре на мојата нација. Инвестирам во младите што се на наша страна. Албанците во Тетово згрешија и се предавници оти гласаа против ДПА. И ова ќе им го плескам в лице додека сум жив. Не можам да се поклонам на политичкиот неморал на Вејце, Селце, Шипковица, Ѓермо. Мојата оставка беше само мамка за дволичните Албанци што гласаа против нас. Малку да се пошегувам со нив. Апсолутно не чувствувам никаква одговорност кон тие што се продадоа, а тоа се Албанците од Тетово, кои гласаа за Ахмети без никаква причина.
Тој смета Ахмети е дволичен и без морал. Вели трагикомично е што сака да ги убеди Албанците дека нешто зависи од него кога станува збор за прашањето за името.
На прашањето како гледате на случувањата во СДСМ. Сметате дека Црвенковски ќе се повлече, одговара:
– Не ме интересира СДСМ. Дваесет години успеваа да ме победуваат, но никој не успеваше да ме измами. Црвенковски сметаше дека е вешт и оти лесно ќе ме измами, но не успеа. Горд сум што успеав да победам во Струга. Црвенковски имаше грешка во процените, сакаше да глуми модерен политичар, а ја раскина соработката со нас од етнички аспект. Тој направи фатално погрешни чекори на овие избори. Со Црвенковски се разликуваме по с` и сешто, и по резултатите. Јас имам 200 отсто повеќе гласови од 2009 г. и 50 отсто повеќе од 2011 г. На овие избори бев сам против сите. Со македонската опозиција ситуацијата е сосема друга. За Македонците, пожелно е да има силна опозиција. Имаше сугестии од СДСМ дека нерационално се однесувам, дека сакам само да бидам втор. На шега им одговорив дека навистина сум втор, но не сум последен. Тие на овие избори останаа последни. Да не ме сфатат луѓето од СДСМ погрешно, но нивниот проблем е во тоа што не им успева да направат дистанца од минатото. Ќе им биде многу тешко да одат напред ако таа дистанца не ја направат чиста и очигледна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


