По ратификувањето на членството на Хрватска во ЕУ, германските парламентарци сметаат дека сега е потребна одлука и за Македонија. Се чека мислење од Филе и сигнал дека ниту една земја-членка нема намера да стави вето, известува „Дојче веле“.
„Европа е атрактивна!“ е пораката која, според шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, вчера ја испратиле народните избраници на германскиот Бундестаг, со ратификувањето на Хрватска како 28 членка во европското семејство. Оваа порака, како што велат повеќемина парламентарци за „Дојче веле“ е позитивен сигнал за регионот и за Македонија.
– Се радувам што проширувањето на ЕУ продолжува. Во 2003 година во Солун, Унијата на сите земји од западниот Балкан им вети европска перспектива. Од 1 јули Хрватска ќе биде полноправна членка.Радува напредокот на договорот меѓу Белград и Приштина. Сега ни треба одлука и за Македонија. Германскиот Бундестаг го застапува гледањето дека пристапните преговори на Македонија со ЕУ може да почнат. Сега мора брзо да се разреши важното прашање поврзано со името – изјави за ДВ Јохан Вадефул, пратеник од ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, кој ги следи случувањата околу Македонија.
На прашањето дали Македонија во јуни ќе добие зелено светло за почеток на пристапните преговори и што ќе биде задача на Бундестагот, Вадефул вели дека тоа не зависи од германските парламентарци.
– Не е во наша моќ да го одлучиме тоа, туку нам, како на парламентарци, ни треба конкретен предлог од Европската комисија преку комесарот Филе. Тој е во постојани разговори со Атина и со Скопје. Предлогот ќе биде поднесен во оној момент кога ќе биде извесно дека нема да има никакво вето, ни од Грција, ни од Бугарија. Ние од германски аспект му сигнализиравме дека е време да се оди натаму. Верувам дека шансите се добри, но може уште малку да потрае – е оптимистичкото очекување на Вадефул, кој подвлекува дека кога би имало сигнал од Филе, германскиот парламент брзо ќе одлучи. Оптимизмот го образложува и со фактот што веќе има конкретен предлог од посредникот Нимиц и се чека дали е прифатлив за двете страни.
Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ, кој не го крие задоволството од успешниот чекор на Хрватска, смета дека кога е во прашање доближувањето кон ЕУ, неопходна е поголема иницијатива од сите држави од Балканот. За европската иднина на Македонија, Јуратовиќ подвлекува дека земјата навистина го има проблемот околу името со Грција, но токму поради тоа вниманието треба да го насочи кон други позитивни нешта кои не се во врска со името. На приме: да ја реши големата невработеност, да се справи со проблемите кои влијаат да се скршнува од демократскиот пат – да создаде чисто судство и медиуми за кои никој нема да може да каже дека го отежнуваат правото на изразување.
– Тоа се вистинските предизвици, а не постојано вината да се префрла на други дека ете го сопираат патот на развој, било да се Грци, Бугари или трети. Македонија е земја на мал народ и мора да си го најде своето место. И тоа зависи пред сѐ од неа самата – коментира Јосип Јуратовиќ за „Дојче веле“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



