
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Тути фратели!
Ако животот е краток сон, треба да ѝ се посвети на вистината… На амалгамот од љубов, знаење и моќ: комбинација којашто е клуч за алхемиската врата низ која влегува човек, а излегува бог.
Сонот за среќата. Низ „vita somnium breve“провејува еден крал на соновите. Средба на невозможното со својата спротивност, со милион варијации на тема – љубовта е мудрост на лудиот, а лудост на мудриот. Човек кој не губи глава заради љубовта, прашање е дали ја има (главата).
Во психологијата на зрелата доба се вели дека една од главните карактеристики на стивнување на егоизмот на сметка на засилување на несебичноста е да можеш со сето срце да им ја посакаш среќата на другите луѓе, и на целиот свет, со истиот интензитет како и сопствената!
Хуманоста е секогаш поврзана со една здрава доза сентименталност или подобро речено сензитивност. Токму таква е и приказната за настанувањето на најпознатата хуманитарна организација на светот, Црвен крст. Како ли само претходно изгледале напорите на луѓето да се биде хуман во време на војна?
Во едно мало место во северна Италија, наречено Солферин, во јуни 1859 година се судриле австриски и француско- италијански војници и по 15-часовна крвава битка на бојното поле лелекале 40.000 ранети војници, без изгледи за никаква помош. Санитетските екипи биле далеку од случувањата бидејќи не биле известени дека битката не само што почнала туку и завршила…
Но, затоа, во близина на бојното поле се нашол Анри Динан, млад трговец од Женева кој бил понесен од силниот нагон да им се помогне на ранетите – тој се обидел да го регрутира цивилното население од Солферин, коешто не било којзнае колку воодушевено од неговата ентузијастична филантропска треска. Од тогаш е позната изреката на овој млад хуман човек, кој, сакајќи да го мотивира незаинтересираното население, во еден миг почнал да вика: „Сите сме браќа“ (Tutti fratelli!)!!!
И да ја скратиме долгата приказна, по долги напори да ја истурка својата идеја, која главно била осудувана за утопизам и била несфатена, во февруари 1863 година е создаден Меѓународен комитет за помош на ранети. Во летото истата година овој комитет во Женева го свикува првиот меѓународен конгрес, со 36 претставници од 16 земји. По четири дена, на собирот се донесени неколку одлуки меѓу кои, во секоја од земјите да биде основан по еден „национален комитет за помош на ранети“, под услов и барање санитетските служби, доброволците и ранетите да бидат заштитени, односно прогласени за „неутрални“ или „неповредливи“. На овој собир е востановен и заштитниот знак на организацијата – денес веќе општопознатиот црвен крст на бело поле, обратно од боите на швајцарското знаме.
Секако било потребно уште многу време додека овие принципи да станат универзални. Оваа универзалност, за жал, не може да се изгласа на референдум, или да се востанови по пат на конвенција, или да се донесе како закон. Неа секогаш ја туркаат биографиите на великани од индивидуи, коишто не ретко последните денови од својот престој на земјава го минуваат инкогнито. Не се знае дали од замор или заради заситеност од шареноликите играрии на хомо луденс.
Да се биде активен на полето на миротворството е една од главните одлики што човекот го прават човечен. Да се сака мирот и среќата на Другиот. И тоа не само среќата на роднините, пријателите, соседите. Клучниот тест за капацитетот на човекот да сонува со отворени очи без тоа да значи дека страда од несоница е да може длабоко во себеси да му посака добро на својот непријател.
На сопствениот душман. Зошто? Во што се состои исчашеноста на овој лакмус? Лесно е да го сакаш тој што те сака. Еве, на пример, во Појасот Газа. Во Бејрут. Во Сараево. Во Чеченија и во Ирска по средноевропско време. Во Шуто Оризари, во Варна, во Чаир, во Јане Сандански. Кое било место на светот кое ги обединува поимите Овде и Сега. Местото можеби и не е толку важно, но оваа планета веќе си има топоними кои станале синоними за вечно војување, за вечно наоѓање причини да се одложи мирот.
Како и да е, посигурно е да сакаш отколку да бидеш сакан.
Да бидеш идиот заедно со некого. Отколку сам. Исчекувајќи некоја радост која кога ќе дојде здосадува. Во пакет со овие закони на Марфи оди и потсетувањето дека кога паѓа лепчето намачкано со маргарин, паѓа на намачканата страна.
А, како да се препознае дали е љубов?
Кога љубовта влегува, стравот излегува.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


