| четврток, 6 декември 2018 |

МЕДИУМИ

aco-stankoski.jpg

Колумнист:
Адрапо Спараи

Медиумите се дијалогот на колективната свест. Тие го моделираат јавното мнение преку сервисирање информации и нивно соодветно толкување. Оваа колективна когнитивна мрежа фрла светло врз одредени случувања кои се релевантни за општествениот интерес и сентимент. Медиумите се мошне важен ресурс на системот и без нив една заедница би западнала во информативен мрак, а, соодветно на тоа, управителите со општествените текови би почнале да носат погрешни или сосема произволни одлуки, со што би го загрозиле опстојувањето на поредокот и виталните интереси на луѓето.

Значи, без соодветно реално и навремено информирање би почнале хаотични и нималку поволни процеси во заедницата, која станува сѐ покомплексна и порапидна за да им одговори на сите предизвици на овие бурни и стресни времиња.

Затоа, доброструктуирани и ажурирани медиумски мрежи се еден од круцијалните услови за хармонично или просперитетно функционирање на државниот апарат и граѓанството, кое е во постојана потрага по информации и валидни анализи за успешно позиционирање во однос на целата апстрактност и несогледливост на системот и неговите непрестајни менувања. Денес оваа значајна димензија на животот е многу добро сфатена од оние што ги водат политичко-економските процеси во државата. Впрочем, цели тимови од експерти ги набљудуваат медиумите и реферираат до битните кругови на моќта за нивното однесување и преференции. Овој надзор се одвива на сите нивоа, од локално до глобално, а и самите медиумски центри имаат свои тимови кои вршат еден вид интроспекција со цел подобрување на информирањето и зголемувањето на магнитудата на влијанието врз консументите. Така медиумите стануваат еден вид нерватура во општествениот корпус и нивната првенствена задача е да алармираат за сите девијации што може да му застанат на патот на позитивниот тек на колективот.

Од друга страна, во еден демократско дизајниран општествен поредок се појавуваат многу спротивставени интереси кои треба да се артикулираат и презентираат пред граѓанството за да се постигне извесен тип поддршка во понатамошниот политички натпревар. Всушност, нема посериозен политички субјект кој нема формирано свој медиумски центар од каде што зрачи кон електоратот. И ова е сосема легитимно, па дури и пожелно, пред сѐ во име на вистинскиот избор на политичката номенклатура што ќе го менаџира системот. Добро е да се видат сите опции и програми и да се донесат најсоодветни решенија од гласачите. Но, во нашата држава како да доаѓа до една неверојатно силна поларизација меѓу политичките структури и тоа почнува да заличува на безмалку застрашувачка општествена шизофренија. Главните протагонисти во овој патолошки процес низ кој минува нашето граѓанство се токму медиумите. Тие во еден момент како да заборавија на нивната вистинска функција и се вдадоа во неетичка и непрофесионална борба, полна со подметнувања и говор на омраза, а понекогаш се користи и механизмот на цензура, па дури и стратегиите на игноранција на одредени значајни собитија и информации кои се или би биле круцијални сегменти во формирањето верни полезни и важни претстави и, соодветно на тоа, заземање вистинити и валидни стратешки позиции.

Секој умен граѓанин би сакал да е добро и реално информиран. Ова е дел од корпусот на човекови права насекаде во цивилизираниот свет.

Кај нас оваа доблест како да не важи, и тоа се во името на манипулацијата, па макар и протагонистите на информирањето да лажат најбезочно.

Во оваа неетички темпирана стратегија како да предводат опозиционите медиуми. И сето тоа може да биде разбирливо до одреден степен. Секако, тука има многу фактори за вакво недоветно однесување, но најфлагрантен од сите е факторот на фрустрацијата од недостапноста на кормилото на власта. Овој факт ги полудува и тие веќе не избираат средства како да ги остварат своите планови, кои навистина се многу тешкоостварливи. Ова се виде и на последните локални избори кога владејачката партија ги здроби опозиционерите со шокантен резултат од 58:4. Не знам во кој спорт овој резултат би бил применлив, можеби кошарка или ракомет, но, како и да е, разликата е фрапантна.

Потоа, како одговор од „меѓународната“ дојде до дисквалификација на професионалноста и непристрасноста на македонските медиуми. Си мислам само кога резултатот на изборите би бил поинаков, сигурно дека „меѓународната“ арбитража би го дигнала рејтингот на македонските медиуми десетина степени нагоре наместо да го урниса како што направи во онаа пригода кога опозицијата загуби со цели 150.000 гласа разлика.

Но, таков е животот, за едни оваа самонаречена меѓународна е мајка, а за други маќеа. Сѐ зависи од вашата или од нивната подготвеност да ѝ служат – што посервилно, тоа подобро, што полигаво, тоа послатко.

*(Колумните на Адрапо Спараи ќе бидат објавувани секој петок)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top