| четврток, 6 декември 2018 |

Маврово најстудено и со најмногу снег

Снежна покривка од десет сантиметри е формирана на Маврово, Крушево и Берово - четири, Пожаране - три, Претор, Лазарополе и Крива Паланка - два и еден сантиметар снежна покривка формирана е во Демир Капија, Штип, Виница, Тополчани и Ѓуриште

Утрово времето е облачно и студено речиси насекаде со врнежи од снег со слаб до умерен интензитет. Во текот на ноќта врнежите од дожд поминаа во снег и на пониските места. На повисоките места и планините во западните делови, врнежите се со умерен интензитет и се формира снежна покривка. Дува умерен ветер од северен правец, особено во Штипскиот Регион и северниот дел на Повардарието, и на моменти достигнува брзина од околу 40 километри на час.

Снежна покривка од десет сантиметри е формирана на Маврово, Крушево и Берово – четири, Пожаране – три, Претор, Лазарополе и Крива Паланка – два и еден сантиметар снежна покривка формирана е во Демир Капија, Штип, Виница, Тополчани и Ѓуриште.

Најниска температура утрово е измерена во Маврово -10 степени, -7 во Крушево, -6 во Лазарополе, -5 во Пожаране и Ѓуриште, -4 во Тополчани и Берово, -2 во Крива Паланка, Прилеп, Виница, Охрид и Дебар, -1 во Тетово, Битола и Претор, 0 во Штип и Скопје, 1 во Струмица, Демир Капија, Скопје Петровец, 2 во Дојран и 3 во Гевгелија.

Времето во текот на денот ќе биде претежно облачно и студено со засилен северен ветер и со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, особено во источните делови. Помала снежна покривка ќе се формира и на пониските места, а на планините ќе се зголеми. Дневната највисока температура на воздухот ќе биде во интервалот од -2 до 4 степени.

Во Скопје времето ќе биде облачно и студено со повремени врнежи од  снег со слаб интензитет. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Дневната температура ќе достигне до 2 степена.

Во наредните денови ќе следува стабилно време со постепен пораст на дневната температура, но утре и задутре утрата ќе биде многу студена со температури од -10 до -4 степени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top