| четврток, 6 декември 2018 |

Деби пораз на Назор на клупата на МЗТ Скопје

mzt

Ниту третиот тренер на МЗТ Скопје сезонава не успеа да им ја донесе на „металците“ првата гостинска победа во АБА-лигата, откако Анте Назор дебитираше со пораз на клупата на маакедонскиот првак, губејќи со 79-72 на гостувањето против Игокеа. Иако против себе имаа ривал од свое рамниште што со малку среќа можеа и да го совладаат, кошаркарите на МЗТ повторно потфрлија во клучните моменти, ставајќи му до знаење на новиот тренер дека го очекува многу работа за да внесе победнички дух во оваа група на играчи.

Натпреварот почна катастрофално за македонскиот првак, кој по почетните 2-2 му дозволи на противникот за неполни четири минути да направи серија од 12-0 и да стигне до двоцифрена предност. Назор зеде тајмаут, играта во одбрана се стабилизираше, а со самото тоа и негативата почна да се топи. Првата четвртина заврши со предност на Игокеа од 20-16, а МЗТ Скопје во вториот период успеа и да го сврти резултатот во своја полза, со поените на Скот поведувајќи со 26-29. Домашниот тим одговори со серија од 6-0, по што Игокеа замина на одмор со предност од три поени (32-29).

mzt-1

И второто полувреме мина во израмнета битка во која домаќините сепак успеваа да го исконтролираат резултатот. Игокеа во третиот период стигна до девет поени позитива (48-39), по што следеше нова серија на МЗТ Скопје, па македонскиот првак се избори за неизвесна завршница. Третата четвртина заврши 55-50, а во 33. минута резултатот беше израмнет на 55-55. И уште еднаш кога беше најпотребно домаќините беа тие што влегуваа во серија, па Игокеа дојде до 71-64 на три минути до крајот. „Металците“ најдоа сили за уште еден камбек и дојдоа на „минус два“ (73-71) на една минута до крајот со серијата слободни фрлања на Дреновац, но Игокеа го искористи клучниот напад, реализизрајќи преку Робинсон.

Назор зеде тајмаут, но следеше почетничка грешка на македонскиот првак, со што и дефинитивно му беше подарена победата на противникот, изразена со конечни 79-72.

Дреновац со 17 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, пред Симоновски со 15 и Скот со 12 поени, премалку за да се избегне пораз на овој натпревар. Македонскиот првак во следното коло на 4 декември ќе го пречека тимот на Будуќност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top