| четврток, 6 декември 2018 |

Чемерски поставува пристапна изложба во МАНУ

Пристапната изложба на академик Глигор Чемерски во македонската академија на науките и уметностите ќе биде отворена вечерва во 19 часот во изложбениот салон на МАНУ. Изложбата е насловена „Води и пловидби – Земни плодови“и на неа се изложени дела низ кои ќе биде претставено неговото специфично творештво: „Златната“, „Белата“, „Првото утро“, „Првата пловидба“, „Охридските сирени“, „Свети Ѓорѓија и ламјата“, „Ресенските јаболкници“ и многу други, меѓу кои и огромен „Пан“ од шеесетите години, а ќе бидат претставени и четири монументални платна насликани минатото лето во Вевчани.
– Чемерски останува доследен на себеси во текот на целиот свој досегашен опус, а тоа е неговата опиеност, неговата екстаза пред боите и облиците на македонската земја. Од првите почетоци, тој пред себе како да ја поставил задачата да ги изрази, низ средствата специфични за ликовната уметност, суштинските белези на македонскиот простор, неговите органски карактеристики како и трагите што низ него ги посеало минатото. Низ своето творештво тој врши исклучителен спој на модерното сликарство и на нашата, македонска ликовна традиција, покажувајќи ги можностите на таквото проникнување низ доказите за вечната актуелност на некои теми и ликовни постапки – вели академик Влада Урошевиќ во својот текст посветен на изложбата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top