| четврток, 6 декември 2018 |

На Заев не му е целта да победи на изборите, туку да не дозволи формирање нова влада и излез од кризата

Обраќањето на Заев пред албанската дијаспора во Берн предизвика лавина од реакции кај македонската јавност. Тој од Швајцарија порача дека ќе бара проширување на рамките на Охридскиот рамковен договор за поголема еднаквост и рамноправност во земјава, отворено критикувајќи ја  Македонија и застана во одбрана на Косово, Албанија, Грција, Бугарија и Србија. Посочи дека во односот со соседните земји – грешката била во Македонија.

Охридскиот рамковен договор не е договор. Мора да одиме преку Охридскиот рамковен договор, оти тој е рамка некоја. Зошто во 21 век, 25 години независна Македонија да има рамки на ограничување. Не, ќе веруваме во еднаквоста и рамноправноста и ќе му помогнам на мојот сограѓанин Албанец. И не може сите да бидат лоши околу нас, а ние да сме најдобрите. Ако сите се скарани со Македонија, проблемот е во Македонија, изјави Заев.

Заев на дебата насловена „Македонија на прагот на избори: Промени, илузија или реалност“ отворено говори за еднаквоста при употреба на јазиците, односно воведување на двојазичност на целата територија на Република Македонија.

Јас сум истиот Зоран Заев, кој што ја отвори јавно употребата на јазиците во Македонија и еднаквоста и рамноправноста во државата. Јас сум истиот тој што го гледавте и по Фејсбук и по телевизии кој отвори штабови во Арачиново и Чегране. Македонија ја замислувам, ако знаеме кинески, кинески да се разбереме, ако знаеме англиски, англиски да се разбереме, француски –  француски, албански – албански, македонски – македонски, да се ослободиме, истакнал опозицискиот лидер.

Според здружението на бранители БЕДЕМ, незамисливо е еден Македонец да помисли на проширување на рамките на Охридскиот договор. Тоа како што велат е враќање на Македонија во 2001 година.

Кога ќе ја видиме генезата на партијата на Заев, кога ќе видиме кој го продаде знамето, кој го продаде името која ја продаде територијата на западниот дел на Македонија, ова е сосема очекувано од СДСМ, не е ништо чудно и необично. Меѓутоа во овие моменти Заев воопшто нема чувство за национален интерес, нему му се битни само личните интереси, Македонија како држава и националниот идентитет не го интересираат. Со ваквите изјави не доведува во ситуација со која не враќа во 2001 година. Ние сме огорчени, уплашени и просто не можеме да поверуваме дека кај еден  Македонец може да се јави таква идеја, а не пак да изговори такво нешто, посочува претседателот на БЕДЕМ, Горан Димоски.

Според аналитичарите Заев во Швајцарија си го покажал вистинско лице и покажал дека не само што не ја сака сопствената држава, туку сака што е можно повеќе да и наштети предизборно на Република Македонија со цел на крај победничките партии по изборите да не можат да постигнат политички консензус за највиталните прашања за политичкото уредување на државата политички прифатливи за сите.

Заев сака постизборно да им наштети на победничките партии кои ќе треба да ја договорат идната владина коалиција со цел да нема договор, за да на тој начин Заев повторно да се обиде да се наметне како главен фактор во надминувањето на новата политичка криза и можен учесник во некоја идна влада. Тоа е неговото сценарио. Но, од сценарио до реализација има голема разлика. Заев длабоко во себе е свесен дека е политички губитник. Неговата реторика сега е да и наштети на државата повеќе како одмазда кон македонските граѓани што не гласаат за него и да го казни г. Груевски ако тој пост-изборно нема да може да ги прифати политичките позиции што Заев им ги стави на тацна, им ги подари на албанските партии. За Заев не постои Устав, не важи Кривичниот законик, не важи ништо. Тешките изјави што Заев ги упати во јавноста се против интересите на РМ за кои, секако ќе мора да сноси кривична одговорност, но тие укажуваат дека Заев и СДСМ дефинитивно забегаа, и делуваат антисистемски и антидржавно. За овој човек нема ништо свето, за него се е на политичка продажба само и само да дојде на власт иако знае дека власта му е недостижна, вели универзитетската професорка Тања Каракамишева – Јовановска за Нетпрес.

Според неа за Заев и СДСМ не се важни ниту националните интереси,  ниту пак, интересите на македонските граѓани, посочувајќи дека за опозицискиот лидер не го почитува ниту Уставот на државата, ниту постои Устав, не важи Кривичниот законик.

За Заев политиката почнува од него, и треба да работи за него. Не му се важни националните интереси ниту му се важни интересите на македонските граѓани. За него се треба да се стави на ревизија со што испраќа многу сериозен сигнал дека ниту еден акт во земјата нема тежина ниту значење, односно дека Република Македонија не е независна и самостојна држава со свој правен поредок. Неговото противуставно повикување на двојазичност на целата територија на државата, неговото клеветење дека Македонија е виновна за тоа што нема добри односи со соседите, неговата политичка халуцинација дека Рамковниот договор не е договор, иако е тој целосно преточен во Уставот, и дека треба да се оди над него со целосно редефинирање на државата се шизофрени тези кои мора да бидат предмет на судска постапка како изјави со кои Заев сторува неколку казниви дела, посочува Каракамишева – Јовановска.

Заедно со Заев на дебата насловена „Македонија на прагот на избори: Промени, илузија или реалност“ во организација на „Платформа Албинфо“ во Швајцарија,  учествувал и лидерот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top