Од први октомври почнува новата сезона на Македонската филхармонија. Што подготвивте за љубителите на класичната музика овојпат?
Чаначевиќ: Да. На први октомври почнува новата концертна сезона 2015/2016 на Македонската филхармонија и тоа со еден несекојдневен настан, кој особено ќе биде интересен за љубителите, за познавачите на класичната музика. Концертот носи наслов „Маратон Брамс“, а како солист ќе настапи еден од денешните најбарани пијанисти во светот, извонредниот Алексеј Володин, кој во една вечер ќе изведе два концерта за пијано и за оркестар од Јоханес Брамс. Тоа е ретка практика не само кај нас, туку и во светот, бидејќи бара и посебна подготвеност не само за пијанистот, туку за сите учесници. Ваквиот тип концерт воопшто не е лесен подвиг за солистот, зашто освен техничка бравурозност, освен виртуозноста што треба да ја поседува, нему му е потребна и голема концентрација која кај многумина исчезнува по изведбата на еден концерт, што е сосема природно. Затоа, сметам дека овој концерт ќе биде посебен, интересен, и ќе донесе разновидност, и покрај тоа што ќе се изведуваат две дела од ист композитор. Диригент на овој концерт е маестро Даниел Рајскин од Русија, познат како предводник на младата генерација музичари, но и по тоа што тој става голем акцент на толкувањата за музиката и ги прави на мошне транспарентен начин, односно ја открива структурата на едно дело до сите детали. Би ги најавила и: „Фантастичен бутик“ на пример, „Виолината на Алина“, „NY vs NY“, „Некој ме гледа романтично“, „Клецмер фешта“, „Црн бран“, „Островска инспирација“, настани кои ќе донесат навистина убава програма и фантастични солисти и диригенти.
Покрај циклусот „Кирилица“, годинава најавивте нов циклус, „Алхемија“. За што станува збор?
Чаначевиќ: Циклусот „Алхемија“ е мошне возбудлив. Годинава во негови рамки се содржани два концерта кои можат да бидат и своевиден тест за нас, дали да продолжиме и понатаму да го реализираме. „Алхемија“ всушност, подразбира нов концепт на концерти во кои се содржани сосема различни дела во однос на жанровската и стилската определба, а сепак имаат свои врзивни звучни ткива. Годинава ќе се претстават атрактивните солисти, виртуози на своите инструменти, Џо Пауерс на усна хармоника од САД и Ави Аватал на мандолина од Израел. Целта е токму овие концерти да понудат програмски концепт кој ќе отскокнува од стандардниот. Инаку, циклусот „Кирилица“ останува и за нас тој е мошне значаен, затоа што преку него, иако не само преку него, го промовираме македонското музичко творештво, а во исто време им даваме посебен простор и на македонските музички уметници.
Почнавте со концерти за деца со кои гостувавте и во неколку градови низ Македонија. Ќе продолжите ли со таа практика и оваа година?
Чаначевиќ: Симфониските концерти за деца и за млади се посебно доживување, не само за нас, туку и за публиката која тоа го докажува изминатите години. Децата со душа ги чекаат овие настани, а ние се обидуваме секогаш да нудиме разновидна програма, но и приказна која треба да ги внесе во светот на фантазијата и едновремено да им всади љубов кон класичната музика. Многу ни е важно да градиме идни генерации на љубители на квалитетна, сериозна музика. Минатата година токму со симфониски концерти за деца, со приказната за „Петре и волкот“, гостувавме и во други градови во Македонија. Салите беа преполни, а децата пресреќни што имаат можност и во својот град да ја доживеат одблизу магијата на еден филхармониски оркестар, да го видат диригентот, да го слушаат нараторот, да се запознаат со сите инструменти посебно. Тоа ни беше повеќе од доволно дека треба да продолжиме и понатаму со оваа практика. Годинава со детски симфониски концерти ќе гостуваме во Прилеп и во Битола.
Покрај тоа што гостувате во земјава, честопати Македонската филхармонија настапува и во странство. Ве очекува патување во Њујорк… Кажете ни каде ќе настапите и што ќе биде изведено?
Чаначевиќ: Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Њујорк ќе се претстави со два концерта, на 7 и на 8 октомври. Во „Карнеги хол“ ќе настапи заедно со композиторот и пијанистот Дуке Бојаџиев, во изведба на негови дела, заедно со Исмаил Лумановски на кларинет, Крсте Роџевски како вокал, Матијас Кунцли на удирачки инструменти и Начо Аримани на удирачки инструменти и вокал. Особено значаен за нас е концертот во „Меркин хол“ во „Центарот Кауфман“, на кој оркестарот ќе изведе многу комплексна програма од литературата за камерна музика. Камерниот оркестар, под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, ќе изведе македонско дело – „Распеви на тема од Јован Кукузел“ од Гоце Коларовски, Концерт за кларинет и гудачки оркестар од турскиот композитор Хасан Тура, и „Дивертименто“ од унгарскиот композитор Бела Барток. А, како солист ќе се претстави македонскиот и светскиот виртуоз на кларинет, Исмаил Лумановски. Њујорк е голем културен центар во кој постојано има различни концерти, гостувања на врвни оркестри од цел свет и токму затоа одбравме ваква програма со која можеме да ги измериме силите на нашиот оркестар. Исмаил Лумановски е музичар со кој имаме одлична соработка. Се работи за врвен уметник кој работи во светски рамки и кој еднакво добро ги изведува сите музички стилови. Тој ѝ е познат на њујоршката публика и веруваме дека заедно со него ќе успееме да се претставиме не само пред љубителите на класичната музика, туку и пред музички образована публика, која на нашиот концерт ќе може и критички да се осврне. Гостувањето во Њујорк е комплетно поддржано од Министерството за култура на Република Македонија и ова е единствен и убав начин за промоција на врвната македонска музичка култура надвор од границите на нашата држава.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 160. број на неделникот „Република“, 25.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан