| четврток, 6 декември 2018 |

Анте Назор е новиот избор за тренер на МЗТ Скопје

ante-nazor

Хрватот Анте Назор е изборот на МЗТ Скопје за нов тренер на македонскиот првак, обелоденија „металците“ преку својата официјална веб-страница. По заминувањето на Александар Јончевски од тренерската функција по поразот од Крка, на раководството на клубот му беа понудени неколку различни стручњаци, за на крајот изборот да падне врз младиот хрватски стручњак.

Назор е 38-годишен хрватски стратег, кој зад себе има солидно искуство предводејќи го задарскиот тим неколку сезони во АБА-лигата. Со само 26 години дебитира на клупата на поранешниот европски шампион Сплит, со кој една години подоцна (2005) доаѓа до победничкиот пехар во Купот на Хрватска. Новиот предводник на „металците“ има и импресивна репрезентативна кариера во младинските хрватски репрезентации со златен медал на Европското првенство (ЕП) за кадети во 2011 година, европско сребро и две бронзи со јуниорите во 2013 односно 2008 и 2014 година како и сребро и две бронзени медали со У17 и У19 на Светските првенства (СП) во 2015 односно 2009 и 2012 година.

Назор, кој ќе биде првиот тренер од Хрватска на клупата на МЗТ Скопје Аеродром во поновата ера на клубот, доаѓа на местото на Александар Јончевски, кој, пак, претходно го замени Емил Рајковиќ со кого беше почната сезоната. Неговото доаѓање во Скопје се очекува за утревечер, а првото запознавање со играчите треба да го има в недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top