Во населбата Врбеско маало во Прилеп започна изградбата на Mузичкиот парк, инвестиција која ќе чини 1,2 милиони денари, а парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Овој парк се гради по барање на жителите од оваа населба. Целиот овој простор планирано е да биде уреден во знакот на музиката.
– Тука се ќе биде во стилот на музиката, од партерното уредување па се до урбаната опрема и елементите кои ќе асоцираат на музика. Исто така ќе има и еден мал подиум за одржување на концерти во текот на пролетниот и летниот период. Ова е еден многуте паркови кои се уредуваат на територија на општина Прилеп, а со оваа инвестиција ова место ќе стане поубаво и поатрактивно за сите, па може да се каже дека ќе биде и своевидна туристичка атракција – рече Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Паркот ќе се простира на површина од 980 м2, од кои 400 м2 ќе бидат под бекатон плочки, а останатиот дел ќе биде зелена површина.
– Еден од најстарите паркови во Прилеп го преуредуваме, му даваме нов живот, и се ќе биде тука во стилот на музиката. Сите елементи од урбаната опрема, патеките, подиумот и малата сцена ќе асоцираат на музиката и се ќе биде знакот на музиката. Патеката ќе биде во форма на клавијатури, оградата ќе биде изведена во стилот на музиката, со нотни лини, со музички клучеви, ноти и слично. А дел од нашите скулптори, скулптурите кои ќе ги изработуваат на тема музика ќе ги изложуваат во овој парк – истакна Бранко Нешкоски, раководител на ЈП за ПУП Прилеп.
Од локалната самоуправа најавија дека идната пролет ќе се започне и со реконструкција на паркот кој се наоѓа веднаш спроти Музичкиот парк, од другата страна на улицата „Александар Македонски“. Тој ќе бил уреден како детски забавен парк.
Заврши и комплетната реконструкција на основното музичко училиште во Прилеп „Ордна Михајлоски – Оцка“. Проектот чинеше 3 милиони денари, а парите се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Ова училиште за прв пат се реконструира после 93 години од постоењето на објектот во кој што беше сместено.
– Проектот опфати комплетна промена на 3 нови плочи, комплетна реконструкција на скаличниот дел, промена на целата електрична инсталација и внатрешната столарија. Со овој проект се реши еден децениски проблем кој го имаа учениците и наставниците и се надевам дека во иднина ќе постигнуваме уште поголеми резултати. Во оваа прилика сакам да им се извинам и на сите родители и ученици што во овој период од 2 месеци наставата мораше да се изведува во други училишта и простории, но од денес продолжуваме со непречена и поквалитетна настава – рече Игор Николоски, директор на основното музичко училиште.
Од локалната самоуправа истакнаа дека после овој капитален зафат наредните проекти ќе биле насочени кон набавување на нови инструменти за ова училиште.
– Музичкото училиште доби еден феноменален изглед и се создадоа одлични услови за работа како за наставниците така и за учениците. Ова музичко училиште има продуцирано голем број на музички кадри во Прилеп, Македонија, па и пошироко и се надевам дека со оваа реконструкција стимулот за учење ќе биде уште поголем кај учениците. Задоволството е уште поголемо затоа што ова е еден доста стар објект кој се заштити и доби сосема нов изглед – изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Претходно за ова училиште беше набавено и концертно пијано, инвестиција која чинеше околу 1,2 милиони денари, а парите беа обезбедени со помош на локалната самоуправа и донатори. Ова основно музичко училиште го посетуваат 410 ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.