| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Прекинатата одисеја“ во Полска

„Прекината одисеја“ е претстава подготвена од врвни уметници од Полска и Македонија, а во неа учествуваат актери од Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од Легница, кои патуваат околу Полска и светот раскажувајќи приказна многу блиска до публиката, што го комбинира локалниот дух со универзалниот јазик

Утревечер, 18 ноември во театарот „Хелена Моджејевска“ во Легница, Полска, премиерно ќе се одигра претставата „Прекината одисеја“.

Претставата „Прекината одисеја“ во која учествуваат полски и македонски актeри и уметници, својата премиера ја имаше на сцената во Македонскиот народен театар на 17. септември  2016 година. Со цел да допре до пошироката јавност, истата беше на турнеја низ Македонија и прикажана пред жителите на Куманово, Прилеп, Струмица, Велес, Штип, Охрид и Битола. Поради успешната соработка и начинот на која е создадена – копродукција со  театарот „Хелена Моджејевска“ во Легница, Р. Полска – на 18. ноември 2016 година ќе се оддржи уште една премиера, овој пат во Легница, каде ќе се игра на 20 и 25 ноември. Истата ќе се игра репризно во Горзов Виелкополски (во рамките на 33. Горзовски театарски собир, на 19. ноември), во Вроцлав (во рамките на фестивалот ECOC, на 21. ноември), во Валбрзич (во рамките на 14. издание на Валбрзички театарски фестивал, на 22. ноември), во Јелениа Гора (во театарот „Норвид“, на 23. ноември), во Катовице (во Шлезискиот театар, на 26. ноември) и во Краков (во театарот „Уажња нова“, на 27. ноември).

„Прекината одисеја“ е претстава подготвена од врвни уметници од Полска и Македонија, а во неа учествуваат актери од Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од Легница, кои патуваат околу Полска и светот раскажувајќи приказна многу блиска до публиката, што го комбинира локалниот дух со универзалниот јазик.

По драмата „Лемко“ напишана од Роберт Урбањски (2007) и „Моја Босна“ на Катажина Кничалска (2014), „Прекината одисеја“ е уште една претстава во режија на Јацек Гломб посветена на повоените доселеници во областа Шлезија.

unnamed-6

„Прекината одисеја“ е претстава реализирана преку креативна соработка помеѓу полски и македонски уметници заснована на вистинска, но истовремено и необична приказна. Во 1948 година, од подрачја зафатени со брутална граѓанска војна во Грција, од територијата на Егејска Македонија комунистичките партизани евакуираат македонски деца кои се преплашени, прегладнети и кои страдаат. Поминувајќи тежок пат, еден дел од нив пристигнуваат во Полска. Тука наоѓаат вистински дом. Токму Полска им овозможува да ги лекуваат траумите од војната, им обезбедува образование и животна шанса. Земјата која тукушто се крева од воените разурнувања, изложена и на железната тупаница на сталинизмот, смогнува сили да покаже неверојатен организационен напор и голема доза хумано сочувство. Потсетувањето на тој факт не претставува само историска занимливост. Современиот живот нè става пред слични предизвици – та и денес не е мал бројот  жртви од секојдневните војни. Во Европа – област која е неверојатно богата – пристигнуваат сè побројни мигранти кои ги прифаќаат на различен начин. Дали сме способни да им помогнеме – како држави и како единки? Дали ние, располагајќи со неспоредливо поголема моќ и ресурси, умееме да им подадеме рака на оние на кои тоа им е потребно? А ако не, тогаш зошто? Претставата „Прекината одисеја“ ја подготвија искусни творци од Полска и од Македонија, уметници на видните сцени на Театарот „Хелена Моджејевска“ од Легница – кој патува низ цела Полска и по светот со приказни кои го поврзуваат локалниот, близок на публиката дух со универзални пораки, како и на Македонскиот народен театар, еден од театрите со најдинамичен развој во јужна Европа, каде што истакнати режисери презентираат разновиден, амбициозен репертоар.

unnamed-7

Човечката судбина насликана во драмата претставува и одраз на националниот и културниот идентитет, лојалноста кон државата и јазикот, методите на образование во минатото и денес, границата меѓу помош и индоктринација итн.

Двојазичната претстава (со превод) се состои од два дела. Во првиот дел зборуваат возрасни Полјаци кои воспоставуваат комуникација со децата-бегалци и стануваат нивни старатели. Вториот дел, во кој учествуваат македонските и полските актери, буди спомени од минатото. Тие се сега возрасни и ги анализираат настаните за кои сведочеле како деца.

И ТАА Е НАШАТА СУДБИНА…

Јас бев како војник, кај ќе те пратат таму ќе одиш. Кај кои деца ќе те пратат, таму ќе учиш или таму ќе воспитуваш. Мајките кога се делеа од децата плачеа, сите. И знаеш што велеа: „Те молам, мојто дете се открива ношјата, да го покриваш“. Друга една мајка: „Мојто дете моча ношјата, да ми го чувате“. Друга мајка ќе речеше: „Таа не јаде се, треба да и се даде нешто што ќе јади“. Баба ти Софа беше една многу мирна жена, многу добра, и ми вели: „Тине… Мите е малечко, пули го…“. И кога се делеа се избацивме сите и јас што ќе и речем: „Стрино, не бери гајле, колку можам сите ќе ги гледам“, зашто јас деца немав, јас уште бев млада.

Такви им беа желбите, барањата кога се делеа од своите деца. И баба ти, како и сите други баби, со болка во срцето се оддели од својте деца. Ќе му кажеш на татко ти, беше многу сакан, и од мајка му, и од татко му, и од сестрите. Од Циља, од Тома, од нас што бевме роднини и соседи… Тој ни беше галениче. Многу го сакавме… сите. И мајка му со голема болка се оддели од него. Со болка во срцето. Само со надеж, дека за два, три месеци ќе се вратиме. И таа е цела наша судбина што ни ја скроија Грците.

Тина Поповска (искажување во документарниот филм „Македонецот“ од Петро Алексовски)

Проектот е финансиран од: Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура и национално наследство на Република Полска.

unnamed-8

Улоги во првиот дел: РАФАЛ ЦЈЕЛУХ -Портирот, ГАБРИЕЛА ФАБЈАН -Вјера, снимател БАРТОШ БУЛАНДА -Влаѓо, оператор на проектор, АНИТА ПОДЕНДЊАК -Иренка, учителка, ЗУЗА МОТОРЊУК- Јоасја, учителка, МАЛГОЖАТА УРБАЊСКА- Хонората, готвачка, КАТАЖИНА ДВОРАК -Лена, мајка, РОБЕРТ ГУЛАЧИК -Градинарот, БОГДАН ГЖЕШЧАК -Директор на центарот, ПАВЕЛ ВОЛАК -Капетанот, ПАВЕЛ ПАЛЦАТ- Партизанот, МАГДА СКИБА- Партизанката,МАТЕУШ КШИК -Доне

Улоги во вториот дел: ВЛАДО ЈОВАНОВСКИ – Вангел, ТРАЈЧЕ ЃОРГИЕВ – Јанушек, ТОМЕ ВИТАНОВ – Ираклис,  БОРЧЕ НАЧЕВ -Спиро, САШКА ДИМИТРОВСКА -Донка, БИЛЈАНА ЈОВАНОВСКА – Цвета, СОФИА НАСЕВСКА – ТРИФИНОВСКА  -Димитра, СНЕЖАНА КОНЕВСКА- Пламенка

Сценограф: Малгожата Буланда

Музиката е на: Горан Трајкоски

Камерен состав: Петар Христов, Петар Смилев,  Сашко Темелкоски и Славчо Коцев

Кореограф: Александра Кочовска – Начева

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top