| четврток, 6 декември 2018 |

Македонски Брод: Промовиран проектот „Спортот и семејните вредности“

Спортската сала во ОУ „Св. Климент Охридски“ беше премала да ги собере дечињата, кои заедно со нивните родители другаруваа и се натпреваруваа во штафета, балансирање со топка „Здрвен дедо“, игра на прецизност, ракомет, фудбал и други забавни игри

По Скопје, Прилеп, Штип, Василево, Кочани и Кратово, Македонски Брод е седмата општина во која помина карванот на АМС и Сојузот на спортски федерации на Македонија за промоција на проектот „Спортот и семејните вредности“.

Основната намена на проектот е да се промовира спортот преку семејните вредности и да се стимулираат граѓаните преку спортот и спортските активности, да се дружат повеќе меѓусебно и да се засилат врските во семејството.

Спортската сала во ОУ „Св. Климент Охридски“ беше премала да ги собере дечињата, кои заедно со своите родители другаруваа и се натпреваруваа во штафета, балансирање со топка „Здрвен дедо“, игра на прецизност, ракомет, фудбал и други забавни игри.

Настанот го отвори директорот на АМС, Марјан Спасески кој изрази задоволство од масовноста и од подготвеноста на посетителите да спортуваат и низ заедничка дружба да ги промовираат спортските принципи.

– Она што е многу битно во овој динамичен начин на живот каде најчеста појава е отуѓеноста во самите семејства еден од најдобрите настани кои можеме да ги приуштиме е спортот и дружбата. Верувам дека со реализацијата на овој проект ќе ја постигнеме целта а истовремено младите луѓе ќе ги стимулираме да се занимаваат со спорт и спортски активности. Денеска нема да има победници и победени, денес ќе победи дружбата – изјави директорот на АМС, Марјан Спасески.

Првиот човек на Македонски Брод, градоначалникот Војнески се заблагодари на Агенцијата за млади и спорт што го одбрале токму Македонски Брод како дестинација за реализација на овој благороден проект, со кој како што рече ќе се придонесе за создавање на стабилни и силни врски помеѓу родителите и децата. Спортот ја имаа таа моќ, да ги зближува луѓето и ваквите проекти се добредојдени секогаш.

Овој настан ќе продолжи да се спроведува и во другите општини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top