| четврток, 6 декември 2018 |

Реал Мадрид и шпанската фудбалска федерација во сериозен конфликт

alvaro-morata

Квалификацискиот натпревар меѓу Шпанија и Македонија се одигра изминатава сабота во Гранада (4:0), но еден момент од овој меч сега се најде во центарот на вниманието на шпанската спортска јавност поради конфликтот кој настана меѓу Реал Мадрид и фудбалската федерација на оваа земја.

Реал Мадрид во текот на вчерашниот ден му направи лекарски прегледи на Алваро Мората и беше утврдено дека тој ќе мора да одмора еден месец поради повреда на мускулот, епилог за кој директно ја обвини шпанската фудбалска федерација како причинител на проблемите.

Имено, Мората беше повлечен од игра на натпреварот против Македонија во 60-та минута, и тоа како последица на еден удар кој го доби неколку минути порано од страна на Велковски во пределот на мускулот кој сега го повреди. Првите луѓе на Реал Мадрид се гневни што луѓето од Федерацијата не направиле лекарски прегледи над напаѓачот по натпреварот со Македонија и што му дозволиле недоволно залечен да игра против Англија, одлука која според „кралевите“ е пресудна за неговата потешка повреда која била непотребно предизвикана.

Шпанската федерација експресно излезе со соопштение во кое се оградува од нападите на Реал, образложувајќи дека напаѓачот бил комплетно здрав и подготвен за игра по натпреварот со Македонија, односно во пресрет на пријателскиот натпервар со Англија кој се одигра на „Вембли“ пред два дена.

Повеќе од јасно е дека Реал нема да добие ништо од конфликтот кој го започна со федерацијата, па сега може само да се надева дека Бензема ќе стигне навреме да ја санира повредата и да игра на големото дерби против Атлетико овој викенд.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top