Урош Лучиќ и Андреј Цветковски од денеска веќе и официјално не се дел од МЗТ Скопје, објави македонскиот првак преку официјално соопштение. Двајцата кошаркари не беа дел од плановите на претходниот тренер Александар Јончевски, беше само прашање на време кога тие ќе ги променат клупските бои, за во пресрет на денешниот меч со Лиеткабелис дефинитивно да биде потврдено нивното заминување од „Јане Сандански“.
„Српскиот интернационалец Урош Лучиќ и македонскиот младински репрезентативец Андреј Цветковски повеќе не се членови на МЗТ Скопје Аеродром, откако спогодбено ја прекинаа соработката со нашиот клуб. Двајцата изминатото лето дојдоа односно се вратија во сино-белиот тим, но откако не се изборија за посакуваната минутажа побараа да си заминат и среќата да ја пробаат во друга средина. Управата на МЗТ Скопје Аеродром на двајцата играчи им се заблагодарува на тоа што досега вложиле во клубот и им посакува сѐ најдобро во понатамошната кариера“ – се вели во соопштението на македонскиот шампион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.