Заедничкото одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Македонија и Шведска се одржа во прекрасниот амбиент на салата „Ерик Ериксон“ во Стокхолм, каде концерт изведоа учениците од „Илија Николовски-Луј“ и „Lila Akademien“ од Шведска. Звуците на заеднички компонираното дело „Пријателство ” и изведбата на песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов” на македонски јазик, учениците успеаа да го доловат значењето на пријателството без граници пред шведската публика.
Во своето обраќање, амбасадорот Кире Илиоски изрази посебно задоволство од одличната соработка со неговиот колега, Шведскиот амбасадор во Р.Македонија, преку преземање на иницијативи и имплементација на заеднички проекти, пред се во делот на музиката и уметноста.
-Ова е проект каков што посакува секое училиште, а секој директор на училиште би сонувал да им го овозможи на своите ученици”, изјави директорот на ДМБУЦ Илија Николовски Луј, Јован Бицевски.
-Се започна со поканата на заеднички ручек на иницијатива на шведскиот амбасадор во Македонија Ларс Валунд. На тој ручек амбасадорот ни вети средба со елитното училиште во Стокхолм Lilla Akademien. Средбата беше остварена уште истата година кога 30тина ученици од училиштето дојдоа во Македонија и настапија на заедничкиот завршен концерт на ДМБУЦ. Идејата продолжи да се развива со залагањето на Валунд за аплицирање во фонд во Шведска, кој фонд беше обезбеден и проектот продолжи понатаму. Се остварија средбите во Македонија и во Шведска на четирите носители на овој проект: Никлас Бреман, наставник по композиција, Дарен Трој, наставник по англиски јазик (Lilla Akademien, Шведска), Наташа Малиновска, наставник по виолина и раководител на класата за жичани инструменти и директорот Јован Бицевски (ДМБУЦ Илија Николовски Луј, Македонија)”, соопштија од училиштето
Проектот се состоел во тоа што 10 ученици од Шведска и 10 ученици од Македонија работат на компонирање музика заедно со наставниците по композиција Никлас Бреман и Бети Илиевска. Истите композиции биле испратени во Шведска и целосно доработени и оркестрирани од Никлас Бреман од што произлегла една преубава композиција која се нарекла „Пријателство “. Истите ученици кои ја компонираа музиката, се собраа за прв пат во Стокхолм и премиерно ја изведоа во Eric Ericsonhallen во Стокхолм.
Како континуитет на успешно воспоставената соработка помеѓу музичко училишните центри од двете држави, договорена е посета на учесниците од Lilla Akademienна Р.Македонија и претставување со заедничката композиција пред македонската публика во јуни оваа година.
Покрај оваа композиција, беа изведени и композоциите Komidsommarsvit од композиторот Никлас Бреман и Фолклорен Танц од композиторот Иван Терзиев.
-Со нетрпение го очекуваме гостувањето на учениците и наставниците од Шведска кои треба да пристигнат во средината на јуни и да го одржиме истиот концерт во Македонија со што македонската јавност ќе има прилика за прв пат да ја слушне преубавата композиција пишувана од наши и ученици од Шведска”,изјави директорот Бицевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.