| четврток, 6 декември 2018 |

Во Штип: Промоција на книгата „Маруша вратена дома“ од Лилјана Мазова

Маруша е битова драма во три чина, напишана во 1925 година од Васил Хаџикимов и Душан Будимировиќ. Драмата е поставена истата година на репертоарот на тогашното Народно позориште – Штип и симната од репертоарот. Токму оваа претстава се води како прва забранета во официјален театар во Македонија

Книгата „Маруша вратена дома“ од театарската критичарка и публицистка Лилјана Мазова денеска ќе биде промовирана во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип.

Промотори на книгата се Зоран Читкушев, Јасминка Намичева и авторката Лилјана Мазова.

Маруша е битова драма во три чина, напишана во 1925 година од Васил Хаџикимов и Душан Будимировиќ. Драмата е поставена истата година на репертоарот на тогашното Народно позориште – Штип и симната од репертоарот. Токму оваа претстава се води како прва забранета во официјален театар во Македонија.

– Важноста на Маруша е и во фактот дека е текст од македонското драмско наследство, кој е напишан и одигран на јазикот на јунаците кои се од српска провиниенција (Македонија тогаш е под српска управа) и македонски јазик. Значи, напишана е на јазикот кој бил забрануван и кога македонските презимиња (па и некои имиња) биле менувани со српска транскрипција. Македонскиот јазик е всушност штипскиот дијалект. Јазикот е „производ“ на тоа време, покажува како се говорело и кој колку и како се „снаоѓал“ во изборот на зборовите и умешноста еден со друг да се разберат…, вели авторот и приредувач на изданието Лилјана Мазова.

Сите архивски материјали од изданието „Маруша вратена дома“, Мазова и ги подарува на историската поставка на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Штип.

Изданието е финансирано во рамки на Националната програма за 2016 година на Министерството за култура. Дизајнот и обработката на материјалот стар речиси еден век е на Горјан Донев. Констултанти за архивскиот материјал се д-р Ивана Јарчевска и Јасминка Намичева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top