| четврток, 6 декември 2018 |

Тони Димков: И неизречените зборови оставаат трага

За да успеете да извлечете максимум во интервјуто истовремено треба да знаете сѐ, а да се однесувате како да не знаете ништо за одредена тематика или личност, вели Димков, автор на збирката интервјуа „Зборот остава траги“

Книгата „Зборот остава траги“, со поднаслов „Збирка интервјуа што ги надминуваат границите на своето време“, е прв заокружен публицистички труд на новинарот Тони Димков и содржи разговори со плејада истакнати личности и дејци од уметничкиот живот во Република Македонија. Промоцијата на книгата е вечерва, 9 ноември во МКЦ Клуб ресторанот (20 часот). Промотори на првото дело на Димков се Илинденка Петрушева и Влатко Галевски.

Тони Димков (1969, Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија.

Заедничката нишка, што ги поврзува споменатите интервјуа е содржана во длабокото понирање низ биографијата на селектираните соговорници, како и стремежот за проникнување во срцевината на нивната уметничка егзистенција.

Тони, остава ли зборот трага во животот?

ДИМКОВ: Досегашното животно и професионално искуство ме убедило дека секој збор, на еден или друг начин, остава трага. Дури и неизречените зборови оставаат трага, но навнатре. Мислам дека често не сме свесни, можеби дури ни одговорни, за зборовите што сме ги кажале, а последиците од нив ќе се појават по година-две, некогаш порано, некогаш подоцна. Секако, какви зборови кажуваме такви траги ќе оставиме. Ако се тоа зборови за искрени чувства, чесни намери, добра волја, убави желби, такви ќе бидат и трагите. За жал, во последно време како последица на долготрајната криза (политичка, економска) често слушаме зборови кои не говорат убаво ниту за луѓето што ги кажуваат, ниту за општеството во кое живееме. Но, тоа не е тема на книгата за која зборуваме.

Што содржи книгата „Зборот остава траги“ со поднаслов „Збирка интервјуа што излегуваат надвор од рамките на своето време“?

ДИМКОВ: Во книгата се објавени 21 интервју со творци, како поетот Матеја Матевски, актерката Љупка Џундева, филозофот Ферид Мухиќ, композиторот Илија Пејовски, сликарот и автор на документарни филмови Киро Урдин, театарскиот режисер Слободан Унковски, директорот на Скопје џез-фестивал Оливер Белопета, прекрасната Вања Лазарова и нејзиниот, сега починат, сопруг Душко Димитровски, сликарот Глигор Чемерски, драмскиот автор и драматург Дејан Дуковски, писателот и професор Венко Андоновски, филмологот Илинденка Петрушева, актерот Никола Ристановски, филмскиот режисер Владимир Блажевски, групата „Фолтин“, сликарот Сергеј Андреевски, филозофот и естетичар Иван Џепароски, групата „Бернајс пропаганда“, брачниот тандем Петра Селишкар и Бранд Ферро кои го основаа фестивалот „МакеДокс“, како и интервјуа со меѓународно афирмираните личности, филмскиот режисер Желимир Жилник и кинематограферот Фред Келеман. Значи збирката содржи серија вонвременски интервјуа, што најмногу се гледа од одговорите на овие соговорници. Затоа го ставив поднасловот „Збирка интервјуа што излегуваат надвор од рамките на своето време“.

toni-dimkov

Кога пред себе ги имаш вистинските соговорници, тогаш секое интервју е лесно, вели Димков

Кое интервју ти е најдраго? А кое беше најтешко?

ДИМКОВ: Не се само овие. Има многу интервјуа што ми се драги. Речиси е невозможно да се определи само едно и да се стави на пиедестал, бидејќи секое интервју има своја драматика, специфична тежина и емоција. Тежината на жанрот е во тоа со најмалку прашања да успееш да стигнеш до вистинските одговори. Кога пред себе ги имаш вистинските соговорници, тогаш секое интервју е лесно.

Твоите интервјуа се школски пример за интервју. Што е потребно да се направи добро интервју?

ДИМКОВ: Добра подготовка и суштинско познавање на соговорникот. Притоа не е доволно само да се знае биографијата и уметничкото портфолио на одредена личност, туку треба да се познава и карактерот на соговорникот, манирите на однесување, уметничките тенденции, позицијата во општеството и во областа во која дејствува. Исто така, битна е поставеноста кон соговорникот во моментите на правење на интервјуто. За да успеете да извлечете максимум во интервјуто истовремено треба да знаете сѐ, а да се однесувате како да не знаете ништо за одредена тематика или личност.

Секако, голем дел од интервјуата што се објавени во книгата се направени после долгогодишна комуникација со соговорниците, а во клучен момент од нивната дејност било направено интервјуто. Клучно за добро интервју е долгогодишната комуникација пред и по интервјуто со одредена личност. На тој начин се стекнува взаемна доверба, која е предуслов за отвореност и искреност во одговорите.

Како го направи изборот на интервјуата кои се објавени во „Зборот остава траги„?

ДИМКОВ: Бидејќи станува збор за мојот прв публицистички труд, си дозволив книгата да не ја стегам во цврсти концептуални рамки, туку во однос на содржината и редоследот оставив да ме водат интуицијата и емоцијата. Затоа не можам да издвојам едно интервју кое ми е најдраго. Сите ми се драги. И сите ја носат тежината на времето во кое се направени, независно дали биле објавени во неделниците „Граѓански“, „Глобус“ или „Теа модерна“, или во месечните списанија „Арт Република“ и „Лајф Магазин“. За да не ја изгубам конекцијата со сегашното време интервјуто со групата „Бернајс пропаганда“, кое беше објавено само во дигитална верзија на интернет-порталот „МКД.мк“, во книгата ја доби својата печатена верзија.

unnamed

Во својата 25-годишна професионална кариера имаш подготвено повеќе од 500 прилози и стотици интервјуа и текстови од областа на културата и уметноста. Дали по објавување на оваа книга, планираш нешто друго да објавиш?

ДИМКОВ: Бидејќи иницијативата за книгата дојде од Павлина Аџи Митреска Лазаревска од „Магор“, во пошироката селекција на соговорници кои сакав да ги сместам во книгата се најдоа околу 60 интервјуа кои сум ги направил во различни печатени медиуми. Откако стигна и поддршката за книгата од Министерството за култура одлучивме да направам потесна селекција од 20-тина интервјуа. Тоа значи дека во истиов момент имам материјал за уште две книги со ист формат. Во овие бројки не се вклучени интервјуата и рубриките во дневните весници, театарските рецензии, интервјуата во електронските медиуми. Практично, мојата прва книга не затвори одреден циклус, туку отвори многу нови циклуси. Ќе се обидам во иднина и од тие зборови да оставам траги.

Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top