Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ со големо задоволство ја најавува промоцијата на најновата поетска збирка „љубавина“ на Ѓоко Здравески, како дел од OFF програмата на Фестивалот. Промоцијата ќе се одржи утре, 9 ноември 2016 година, со почеток во 20 часот, во Менада.
Збирката ќе биде промовирана на еден необичен начин – како своевиден концерт на поезијата, на кој ќе настапуваат: Натали (глас), Цобе (флејта), Вико (гитара) и Ѓоко (глас).
Ракописот „љубавина“ од Ѓоко Здравески претставува збирка љубовна поезија од седумдесетина страници, поделена во три циклуси. Во песните од сите три циклуси главно се пее за бестелесна љубов, за љубовта како премин, за љубовта како начин на постоење и како начин да се спознава светот. Иако навидум апстрактна, инспирацијата на лирскиот субјект секогаш доаѓа директно од физичката стварност. Самиот наслов претставува неологизам, кој во себе ги содржи љубовта и убавината. Во книгата се чести јазичните игри, постапка карактеристична за поезијата на Здравески.
Ѓоко Здравески е роден во 1985 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, кратка проза и есеи, а најдолго и најпосветено го пишува својот магистерски труд. Има објавено три книги поезија: „Палиндром со две н“ (2010), „куќичка за птици-преселници“ (2013) и „љубавина“ (2016). Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата „Торту кроз прозор“ (поезија, 2010). Преведуван е на десетина европски јазици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.