| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Зборот остава траги“ на Тони Димков во МКЦ

Издавачката куќа „Магор“ ќе ја промовира на книгата „Зборот остава траги“, со поднаслов „Збирка интервјуа што излегуваат надвор од рамките на своето време“, на долгогодишниот новинар од областа на културата и уметноста Тони Димков, на 9 ноември (среда), со почеток во 20 часот, во МКЦ Клуб ресторан. Промотори на книгата се Илинденка Петрушева и Влатко Галевски.

Книгата „Зборот остава траги“ е прв заокружен публицистички труд на новинарот Тони Димков и содржи разговори со плејада истакнати личности и дејци од уметничкиот живот во Република Македонија.

toni-dimkov_zborot-ostava-tragi

За книгата „Зборот остава траги“ промоторот Илинденка Петрушева истакнува:

– Многу е битно она што во текот на времето си го пишувал и објавувал, во еден момент да го ставиш меѓу две корици. Оти тоа што било објавено во печатените медиуми завршило во канти за ѓубре, она што било на радио ветерот го одвеал, она на ТВ е пиши-бриши. Ова што е ставено меѓу две корици останува како хроника за едно време, за еден простор, практично станува дел од културната историја. Тони Димков, посветеникот на културата и уметноста, со оваа книга ни понуди еден интересен новинарски жанр – интервју, коешто нималку не е лесно доколку сакаш да биде како што треба. И зошто е значајна оваа книга? Затоа што Димков за секое интервју се подготвувал, што е очигледно, до најситни детали и токму заради тоа, во разговорите со соговорниците прераснува во хроничар и на минатото и на сегашнината со поглед кон иднината. – Илинденка Петрушева.

За книгата „Зборот остава траги“ промоторот Влатко Галевски истакнува:

– „Зборот остава траги“, првата книга со интервјуа на Тони Димков (а можела да биде и петта) претставува публицистички проблесок во досега невидената македонска баруштина на новинарска неетичност, незнаење и провинцијално скрибоманство. Тони Димков, веројатно, е еден од многу ретките професионалци кои опстојуваат на своите етички новинарски принципи, еден од малкумината кои сѐ уште имаат благороден однос кон својата професија. Книгата „Зборот остава траги“, ја има силата на едно сведоштво и историчност, напишана како креативна интеракција со литерарни димензии. Со своето искуство, Димков на овие разговори им дава интегритет со што буди доверба и кај соговорниците, а и кај читателите. „Зборот остава траги“ е организирана како ’хор од солисти‘, темелно и искрено. – Влатко Галевски.

Во книгата се објавени 21 интервју со истакнати творци, како Матеја Матевски, Љупка Џундева, Ферид Мухиќ, Илија Пејовски, Киро Урдин, Слободан Унковски, Оливер Белопета, Вања Лазарова и Душко Димитровски, Глигор Чемерски, Дејан Дуковски, Венко Андоновски, Илинденка Петрушева, Никола Ристановски, Владимир Блажевски, групата „Фолтин“, Сергеј Андреевски, Иван Џепароски, групата „Бернајс пропаганда“, Петра Селишкар и Бранд Ферро, како и интервјуа со меѓународно афирмирани личности, како Желимир Жилник и Фред Келеман.

Книгата е објавена во едицијата „Дијалози“ на издавачката куќа „Магор“.

Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.

Тони Димков (1969, Скопје) е новинар од областа на културата и уметноста кој со години ги следи творештвото на македонските уметници од повеќе области и сите позначајни фестивали и културни манифестации во Република Македонија.

Во повеќе од 25-годишната работа во оваа област професионално бил ангажиран во повеќе електронски и печатени медиуми, како Македонска телевизија, неделните списанија „Глобус“, „Граѓански“ и „Форум“, дневните весници „Утрински весник“ и „Дневник“, месечните списанија „Арт Република“ и „Лајф магазин“. Од почетокот на 2014 година ја подготвува рубриката за култура во интернет-порталот „МКД.мк“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top