Чедомир Јаневски е изборот на челниците на Васланд Беверен за нов тренер на овој белгиски прволигаш, а промоцијата на екс-селекторот на Македонија ќе се случи во текот на денешниот ден. Јаневски за главен ривал во оваа „трка“ го имаше Боб Питерс, но претседателот Дирк Хујк сепак смета дека македонскиот стручњак е вистинскиот човек за предводник на Беверен.
– Мислам дека го направивме вистинскиот избор. Поставивме критериуми за профилот на тренер што го сакаме, а потоа разговаравме со сите кандидати. Верувам дека Чедомир Јановски најдобро се вклопува во профилот и затоа го избравме него за нов шеф на стручниот штаб на Беверен – изјави Хујк за белгиските медиуми.
Откако пред десетина дена не успеа да се договори со Локерен, сега Јаневски ќе се соочи со нов тренерски предизвик во Белгија, земја во која претходно има седено на клупите на Бриж, Монс и Мускрон.
Беверен моментно се наоѓа на 12. место на табелата со 13 освоени бода по првите 14 кола, а Јаневски ќе дебитира на клупата на новиот клуб на дуелот на домашен терен против Кортријк, закажан за 19 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.