| четврток, 6 декември 2018 |

МЗТ Скопје со фуриозен финиш до победа над Унион Олимпија

31689d6dbf3b8c478a81448d474f464f

Со серија 20:4 во последните пет-шест минути од натпреварот, кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва дојдоа до триумф во пресметката на домашен терен со Унион Олимпија со 97:96.

За „штрковите“ ова беше втора победа во осмиот меч сезонава во АБА-лигата. Тие одиграа фантастично во втората половина од последната четвртина, погодија голем број тешки удари, излегоа како победници во клучните дуели, се вратија од минус 15, што на крајот резултира со значајна победа.

Новакот Сулејман Диабате донесе позитивна енергија и сигурност во организација на нападите, додека во клучните моменти проработи и Стефан Синовец, кој погоди тешка тројка и кош од офанзивен скок. „Змајчеки“ имаа голема помош од судиите, шутот од далечина максимално ги служеше, но не го издржаа завршниот налет на „сино-белите“.

Даниел Кларк со 22 поени, Ксавиер Темс со 19 и Џош Скот со 18 поени и 11 скока беа најзаслужните за триумфот на домаќинот, а Диебате со 13 поени имаше повеќе од солидно деби.

Следниот меч за македонскиот шампион во АБА-лигата пак, е следниот викенд против Крка во Ново Место, а утре вториот македонски претставник во регионалното натпреварување, тимот на Карпош Соколи, гостува кај ФМП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top