Прво Ферид Мухиќ, па Лиле Поповска – главно тука запнаа листите на Заев. Ниту најголемите поддржувачи на политиката на СДСМ не можат слепо да се прегазат себе си и да ги заборават километрите кои ги изодеа по улиците во Скопје и во Македонија од април годинава кога ѝ даваа значење и масовност на платеничката револуција и да му кажат браво (освен Герис) на Заев за составот на, како што рече самиот „победничките листи“.
Борјан Јовановски, Мирјана Најчевска, Јадранка Костова не можат да преминат преку изборот на Ферид Мухиќ.
Откако во јавноста се појавија имињата на лицата кои ќе се најдат на изборните листи на СДСМ во шесте изборни единици, лавина од реакции следаа од страна на многу поддржувачи на опозицијата, меѓу кои и најистурени медиумски лица кои отворено ги бранат политиките на СДСМ.
„Ферид Мухиќ на листа, па срамота за сите што 10 години мајка им се расплака затоа што не молчеа како тој квази интелектуалец. Значи Ферид Мухиќ од кај Ѕинго трансфер овде, браво…
Ова е коментарот што главниот уредник на порталот „Нова“, Борјан Јовановски го објави на неговиот профил на „Фејсбук“, како реакција на објавените имиња кои се најдоа на пратеничките листи на СДСМ.
Најмногу реакции пристигнаа за изборот на Ферид Мухиќ кој се најде на високата петта позиција во втората изборна единица, заедно со Оливер Спасовски, Фросина Ременска, Мухамед Зекири. Оваа изборна единица опфаќа делови од скопските општини, како и населените места во северозападните делови од земјава.
И Лиле Поповска не наиде на топло добредојде. Сестратата на Борјан Јовановски, новинарката Светлана Јованквска и Јорданка Ивановска Јоци не преминаа преку нејзиното име.
Нејасно е каде тоа планира Заев да победува кога уште незавршен Конгресот, од него се откажаа гласните медиумски поддржувачи, а веќе има и бунт во членството – Софија Куновска се откажа од местото претседател на Градската организација на СДСМ незадоволна од листите за кандидати на пратеници, а екскоординаторот на СДСМ Горан Сугарески денеска заминал среде состанок на Централниот комитет на СДСМ и подоцна не се појавил ниту на конгресот на кој Заев, Шекеринска и останатите раководни лица на партијата на членството му понудија листи на кои нема 13 од 25-те пратеници кои во минатиот мандат ја водеа битката за СДСМ.
Незадоволството е забележливо и на социјалните мрежи каде активисти на шарената платеничка револуција исто така не го кријат разочарувањето што нивните имиња не се меѓу кандидатите на СДСМ кои ќе влезат во парламентот, иако Заев на големо ветуваше дека „прави пакт со граѓаните“ и ќе ги става на листа. Оваа реторика беше на сила додека се обидуваше шарените платеници да ги претстави како граѓански сектор за да го подобри имиџот и рејтингот на партијата кај неопределените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.