| четврток, 6 декември 2018 |

Министерството ја укина забраната на ЗАМП

Министерството за култура донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување.

Соопштението на Министерството го пренесуваме во целост

Министерството за култура, во согласност со својата законска надлежност утврдена со Законот за авторското право и сродните права, по извршниот надзор над Одлуката на Собранието на ЗАМП бр. 493-1-0201 од 19.09.2016 година, донесе Решение за запирање од извршување на Одлуката на Собранието на ЗАМП со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување.

Од надзорот на Министерството за култура над Одлуката на Собранието на ЗАМП се констатираше дека Одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права.

Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот.

Решението на Министерството со кое Одлуката на ЗАМП се запира од извршување влегува во сила со денот на донесувањето.

Во оваа прилика уште еднаш потсетуваме дека авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top