| четврток, 6 декември 2018 |

На фестивалот „Букстар“: Промоција на две контроверзни биографии и книжевна трибина

Овие две контроверзни биографии ќе ги промовира професорката и литературна критичарка Соња Стојменска-Елзесер. По промоцијата следува забава со настап на „Перија“, оригинален македонски женски состав, кои свират исклучително акустична музика на уникатни инструменти

Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „Букстар го најавува гостувањето на полската писателка Агата Тушињска. Утре, 2 ноември 2016 година, со почеток во 20 часот, во „Јавна соба“ ќе бидат промовирани нејзините романизирани биографии „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“, двете во издание на „Антолог“ и во превод на Милица Миркуловска. Книгите се објавени со поддршка на Полскиот институт за литература.

Овие две контроверзни биографии ќе ги промовира професорката и литературна критичарка Соња Стојменска-Елзесер. По промоцијата следува забава со настап на „Перија“, оригинален македонски женски состав, кои свират исклучително акустична музика на уникатни инструменти.

unnamed-4

Приказната на Владислав Шпилман допре до публиката од цел свет благодарение на оскаровецот „Пијанистот“ на Роман Полански. Онаа на пејачката Вјера Гран е помалку позната. Вјера Гран е полската Марлен Дитрих. Таа била прекрасна, егзотична пејачка ѕвезда од пред Втората светска војна, придружувана на пијано токму од Шпилман. Меѓутоа, додека пијанистот по војната станал херој, Гран била обвинета дека соработувала со фашистите, наводно криумчарејќи оружје за отпорот.

unnamed-3

На плоштадот во Дрохобич, на 19 ноември 1942 година бил стрелан Бруно Шулц. Неколку години подоцна, неговите книги стануваат дела од епохално значење во светската книжевност. Легендата за генијалниот уметник почнува да расте. Успесите на Шулц по неговата смрт ги следи една жена, обвиена со превезот на тајната…Јузефина Шелињска, Јуна, неговата Муза и единствената жена на која Бруно Шулц ѝ има предложено брак.

Оваа полска писателка првпат ни дава можност да ја слушнеме и другата страна на приказните преку биографските стории на овие две жени во „Обвинета: Вјера Гран“ и во „Свршеничката на Бруно Шулц“.

unnamed

Агата Тушињска

Македонските читатели ќе имаат поголема можност да ја запознаат авторката одблиску и следниот ден, 3 ноември, во Книжевниот центар „Антолог“, во периодот од 11 до 12 часот, кога ќе се одржи Книжевното кафе, на кое таа ќе потпишува книги и со кафе и колачиња ќе ја запознае својата публика во Македонија.

Истиот ден од 17 часот во ЕУ инфо центарот ќе се одржи книжевната трибина „Нивната страна од (и)сторијата“, каде поттеми ќе бидат: историографската метафикција, сликата на другиот, женското писмо, исповедта, фикцијата, мемоарите, историјата, пресумпцијата на невиност, писателот како медијатор, (пр)осветител, особено акцент ќе биде ставен на оној цитат дека во поголемиот дел од историјата жените биле анонимни, обезгласени. Учесници на истата ќе бидат: Есмахан Ајкол, Агата Тушињска, Александар Прокопиев, Соња Стојменска-Елзесер, Вини Пемова, Ана Василева, Ѓоко Здравевски, Душко Крстевски, Огнена Никуљски. Модератор е Маријана Јанческа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top