Томислав Жаја е Хрват што режирал и продуцирал повеќе од 50 документарни филмови, неколку кратки и експериментални филмови, две ТВ-адаптации на театарски претстави и три играни филма. На филмската академија ФАМУ во Прага ја добил својата магистерска титула по документарен филм. Скопската публика имаше можност да го гледа долгометражниот документарен филм „Слободни“, филм за лица со интелектуална спреченост. Филмот е прикажуван во Лос Анџелес, Њујорк, Лисабон, Торонто, Венеција, Кан, а ја освоил и наградата за најдобар долгометражен документарен филм во Венеција, на фестивалот „Артхаус“ во Хонгконг, на „Топ Инди филм“ и многу други.
Во Македонија и во регионот, уште постои традиционално згрижување на лица со интелектуална спреченост во институции од затворен тип. Тоа ги прави лицата целосно гетоизирани и затворени. Тие што имале среќа и се сместени во локални заедници, најчесто по образованието остануваат во општествена изолација.
„Слободни“ е документарен филм, кој преку опсервација, со минимум интервенции во процесот на документирање, ги следи своите карактери во период од две години. Филмот почнува во неколку институции каде што гледаме и чувствуваме како е да се биде изолиран и што значи да ти бидат одземени сите права, приватност или одлуки за сопствениот живот. Сите овие луѓе, портретирани во документарниот филм, го имаат истиот сон – да бидат слободни. Кога ќе излезат од институциите, тие почнуваат да се менуваат и тоа токму пред нашите очи. Ние го набљудуваме нивниот карактер, како се обидуваат да ги исполнат своите соништа, но овој пат низ нивната перспектива.
Кој беше Вашиот мотив да го снимите долгометражниот документарен филм „Слободни“?
ЖАЈА: Овој филм го прикажува процесот на враќање на овие луѓе во општеството, на еден начин преку излекување на општеството. Мојот татко цел живот работеше со лицата со интелектуална спреченост, така што јас од детство ги обиколував институциите со него за време на викендите и некако сакав да им помогнам на тие луѓе. Снимањето на овој филм е едно од најубавите искуства во мојот живот. Многу научив од овие луѓе.
Дали емотивно се испразнивте додека го подготвувавте филмот?
ЖАЈА: Мислев дека многу ќе научам за овие луѓе, но се случи нешто друго – научив многу повеќе за себе и за нашето општество, отколку за нив. Со нив, едноставно, се зближив, научив да комуницирам и некако сите предрасуди што ги носев во себе, кои се стари со векови и кои сите ние ги имаме во себе во врска со луѓето што се во „лудница“ или во некои институции успеав да ги надминам со тек на време. Но, секогаш кога гостувам некаде со филмот, секојпат учам нешто ново и доаѓам до нов заклучок. Пред некој ден размислував дека не постои проблем. Постоиме само ние, кои сметаме дека има проблем. Бидејќи, објективно, не постои проблем. Ако сметаме дека има проблем, тоа е проблем за нас, но, објективно, не значи дека е проблем. Ако ние велиме дека овие луѓе се проблем во општеството, тогаш тие се проблем за нас. Но, ако кажеме дека тие се факт, а тоа дека во секое општество има одреден процент на луѓе што имаат интелектуални тешкотии, како на пример аутизам, Даунов синдром или некој друг вид интелектуална спреченост, тогаш ќе бидеме свесни дека тие постојат. Мислам дека на нашето општество му е потребен редизајн каде што ќе престанеме да ги затвораме очите пред проблемот. Треба да престанеме да велиме дека имаме решение, а тоа е да ги тргнеме од пред очи овие луѓе и да кажеме дека сме го решиле проблемот. Прво, според моето мислење, проблем не постои, туку постојат само луѓе со свои потреби, како што постојат луѓе што накривуваат кога одат поради тоа што останеле без нога. Ние постојано се занимаваме со тоа што овие луѓе не можат. Но, тоа не го правиме со себе, не се занимаваме со тоа што не можеме ние, туку со тоа што можеме, што нѐ усреќува. Тој момент кога ќе се смени перспективата и кога ќе речеме: ајде да видиме што можат овие луѓе, што им е потребно, во тој момент проблемот престанува да постои.
Дали снимањето вакви филмови ќе ја смени перспективата на гледањето на овие луѓе во општеството?
ЖАЈА: Сакав овој филм да стане еден вид прикз за сите луѓе, кои не по своја вина имаат интелектуална спреченост. Од генерација на генерација се пренесува мислењето дека овие луѓе не можат да живеат со нас, интегрирани во општеството, туку дека треба да бидат издвоени настрана и таму да бидат оставени сѐ до својата смрт. Се надевав дека ќе добиеме приказ за тие луѓе дека и тие се луѓе како и ние. Многу сум среќен кога ги гледам реакциите на луѓето по проекција на филмот. Гледаме дека и тие се човечни, топли како и ние, имаат свои соништа, желби, потреби и, всушност, нема никаква разлика меѓу „нив“ и „нас“. Не постои „ние“ и „тие“ туку сме само „ние“. Среќен сум бидејќи сфатив дека овој филм стана тоа што мене ми беше најважно, а тоа е место за средби. Ние, конечно, се среќаваме со овие луѓе и чувствуваме дека стануваме комплетни. Тој дел од нас што е отфрлен се враќа на еден начин и одеднаш чувствуваме дека тие разлики не постојат и се наоѓаме во мир. Ние имаме право на поддршка, но тие немаат, бидејќи некој многу одамна решил така.
Дали нашето општество е општеството на инвалиди?
ЖАЈА: Проблемот не е ниту хрватски, ниту регионален, туку светски. Ние како општество сами си го направивме тоа. Ние си одземавме дел од себе и тој дел ни недостига. И тоа е јасно кога го гледаме овој филм. Кога ќе дојдеме на тоа „место за средба“, како што јас го нарекувам, се чувствуваме среќни. Кога овие луѓе ги гледаме во институции, не сме среќни, туку сме шокирани и сметаме дека им е направена голема неправда. Тоа значи дека треба да смениме нешто кај себе – да станеме едно посреќно и поздраво општество. Општество за сите, а не само за некои.
На кој нов проект работите?
ЖАЈА: Веќе втора година работам, на прв поглед, една слична приказна, но, всушност, поинаква. Работам на нов документарен филм, а приказната е за луѓето со најтешки психички болести, како што се шизофренија, манијакална депресија, луѓе што слушаат гласови, кои имаат халуцинации, сето тоа од што многу се плашиме. Ги следам неколку години. Откако биле под клуч подолго време, затворени, тие се обидуваат повторно да воспостават контакт со своето семејства, да најдат работа и да продолжат да живеат со својата болест. Луѓето со Даунов синдром, аутизам, со интелектуална спреченост генерално полесно може да ги прифатиме. Но, луѓето од кои се плашиме, тешко ќе ги прифатиме за соседи. А мојот филм се вика токму така, „Соседи“. Затоа решив да направам филм во кој непознатото ќе стане познато. Ќе видиме кои се тие луѓе, како живеат и што, всушност, се крие зад тие фантомски дијагнози.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Лилика Стрезоска
(Интервјуто е објавено во 217. број на неделникот „Република“ на 28.10.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ирма Башеска Ристовска, режисерка: Не беше само процес на снимање, туку и процес на запознавање на уште една страна на мојот татко
-
Вечерва „Крафтверк“-Поп арт на Зимскиот фестивал Скопје синема сити
-
Документарниот филм за Дејвид Боуви доаѓа набрзо!
-
„Трст, Југославија“: Снимен докуметарец за златното доба на шопинг-меката во 60-те и 70-те години