Во Кинотека на македонија вечерва со почеток во 20 часот со проекцијата на докмументарниот филм Крафтверк – „Поп Арт“ почнува Зимскиот фестивал на документарен музички филм „Скопје синема сити“. „Крафтверк“-Поп арт (Германија, 60 мин, 2013) е во режија Ханс Росашер и Симон Витер.
Крафтверк се сметаат за највлијателната група која се појавила од Германија за време на ’70-те и која изградила чиста електронска естетика што ги опфаќа сите аспекти од современиот живот. Секој албум станал концепт сам по себе, од автопатишта па до возови, од радија до компјутери. Секоја нова фаза била обележана со сосема нов имиџ и естетика, процес што оваа група ја однел во областа на кибернетиката, кога вистински роботи ги зазеле нивното место за време на настапите.
Со секое издание тие привлекувале сѐ повеќе и повеќе публика, а имале директно влијание врз музиката на Дејвид Боуви, Joy Division и Африка Бамбата, а потоа и врз следните генерации на електронски музичари како Детроитската музичка сцена.
Филмот „Поп Арт“ е портрет на бендот што е инспириран од нивните настапи во Тејт Модерн во 2013. Полн со архивски снимки, сведоштва на современици (Холгер Шукај од CAN), на новинарот Пол Морли, на музичари како Дерек Меј, Франсоа Кеворкиан, графичкиот дизајнер Невил Броди и др.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.