Да се надеваме дека реформите и во иднина ќе продолжат, затоа што секој инвеститор би сакал да добие услови за водење бизнис како во Македонија, со ниски даноци, без административни бариери, брза, лесна и ефтина регистрација на фирма, согласни се универзитетските професори. Според професорот Томе Неновски, најновото рангирање е соодветно признание за вкупните реформски зафати кои што се правени во изминатите години во континуитет во областа на економијата, пишува Лидер.мк.
Како реформите се реализираат и интензивираат, така и местото на таа листа се искачува, па еве од пред 10 години кога бевме на 94 место сега сме на 10 то место, значи се движиме напред. Незнам дали македонска економија некогаш добила поголемо признание од ова на Светската Банка, затоа што по условите за водење бизнис не рангираа во првите 10 во светот и во првите 5 во Европа, рамо д рамо сме со многу развиени земји. Еве влеговме во тоа друштво што секако е извонреден сигнал за инвеститорите било домашни или странски во однос на тоа како во Македонија се води бизнис“ вели Неновски
Условите за водење бизнис се резултат на реформите во одредени државни институции пред се во ЦР , каде што за кусо време може да се регистрирате, ако ги имате добиено сите потребни документи, што е важно за сите инвеститори, ние сме на 4 место на светско ниво, а за секој стопанственик тоа е благопријатно, констатира Неновски.
Очите на инвеститорите се вперени кон она што светски институции од типот на Светска банка, која преку извештајот Дуинг бизнис го кажува за водењето бизнис во Република Македонија, односно отворањето и благопријатностите со кои тие можат да се соочуваат во земјата, изјави во интервју за Телевизија Нова универзитетскиот професор Томе Неновски.
„Тоа е позитивен сигнал којшто тие можеби го знаеле, можеби го очекувале, а сега веќе се убедени дека таа ситуација е таква каква што е. Тие веќе добија информации дека и покрај брзината на отворање бизнис, тие имаат и висока доза на т.н. монетарна и фискална слобода. Според даночните плаќања, ние сме рангирани некаде на 9. место, според висината на даноците и според начинот на плаќање на даноците“, изјави Неновски.
Неновски потенцира и дека многу брзо се добиваат градежните дозволи, за што сме рангирани на 11. место, имаме силна административна заштита на инвеститорите – 13. место според заштитата на инвеститорите.
„Кога во тоа го имате вие како заштита во однос на вашите права, особено на катастарските права за водење бизнис, мислам дека портите сѐ повеќе се отвораат, а нивната убеденост дека овде ќе наидат на поволна почва за водење бизнис и остварување профит ќе биде сѐ поголема“, вели Неновски.
Рангирањето во Дуинг бизнис препорака за странските, но и за домашните извозни компании
Рангирањето на Македонија од страна на Дуинг бизнис меѓу десетте најдобри економии во светот за водење бизнис ја става земјава на мапата на странските инвеститори. Исто така тој е добра препорака за домашните македонски конмпании кои се извозно ориентирани за позиционирање на меѓународните пазари.
Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски зони Виктор Мизо изјави дека извештајот им дава информации на странските инвеститори за компаративните предности кои Македонија може да ги понуди и претставува еден чекор напред во анализата на компаниите дали да инвестираат во земјата.
“Извештајот е приказ за компаниите кои не ја познаваат земјата, како тие би воделе бизнис доколку дојдат тука во Македонија во споредба со оние земји каде веќе инвестирале и како ние се споредуваме во регионот. Секоја компанија прави многу длабински анализи, пред воопшто да дојдат во Македонија, ги добиваат сите информации од извештаите како Дуинг бизнис, потоа анализираат три до четири земји каде што ќе дојдат и директно во разговор со други постоечки компании за нивното искуство носат одлука, вели Мизо.
Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска вели дека извештајот Дуинг бизнис треба да не радува, бидејќи со него се мапира Македонија, не само во однос на странските компании, туку и во однос на домашните компании кои сакаат да се позиционираат на странските пазари и кои се извозно ориентирани.
– Ако до пред некоја година за Република Македонија имаа многу малку земји слушнато, сега сме на мапата поставени, не само како дестинација за инвестирање, туку и како дестинација каде функционира системот и каде може да се најдат македонски компании кои може да ги извршуваат обврските конкурентно и согласно стандарди. Даноците можат да бидат и најниски на свет, ако вие сте несигурни каде одите, никој не би инвестирал таму. Затоа е значаен извештајот Дуинг бизнис, вели Арсовска.
Како што истакнува директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Мизо, при изготвувањето на Дуинг бизнис во предвид се земаат и мислењата на компаниите кои работат во земјата, односно освен законската регулатива извештајот зема предвид и како таа се спроведува во пракса.
Мизо вели дека согласно анкетите кои се направени на постоечките странски инвеститори во земјава, од тоа како се тие задоволни од водењето бизнис и дали увиделе подобрување на бизнис климата, голем процент или над две третини од нив рекле дека увиделе големо подобрување на бизнис климата, од моментот кога дошле до денес.
– Во креирањето на реформите за континуирано подобрување на Македонија по десетте индикатори на Дуинг бизнис работи цел тим на институции кои ги земаат видувањата и сугестиите и на домашните и на странските компании при креирањето на мерките, вели Мизо.
Извештајот е резултат на активно спроведување на реформите
Валентина Салтане од тимот на Светската Банка кој го изработува извештајот за водење бизнис вели дека досега највисокото десетто место за Република Македонија е одлична вест за земјата и е резултат на активното спроведување реформи со кои им се олеснува на стопанствениците да инвестираат и работат.
“Најновото издание на извештајот Дуинг бизнис носи одлични вести за Македонија бидејќи за првпат во историјата на извештајот Македонија се приклучи на првите десет топ реформатори за бизнис, што е големо постигнување. Ако погледнеме регионално, Македонија е најдобрата држава во регионот на Европа и средна Азија. Ова е постигнато со многу активно поттикнување реформи, што Македонија ги продолжува од година во година, изјави Салтане за Македонската телевизија.
На врвот на листата е рангиран Нов Зеланд, а зад него се Сингапур, Данска, Хонг Конг, Јужна Кореја, Норвешка, Британија, САД, Шведска и Македонија како десетта. На дното се земји кои најмалку ги почитуваат економските слободи, како Венецуела, Либија, Еритреја и Сомалија. Од регионот, Бугарија е 39-та, Хрватска е на 43. место, Србија 47-ма, Косово и Грција се 60. и 61., а Босна е 81.
Салтане вели дека Македонија особено се истакнува во отстранување на проблемите поврзани со бирократијата.
– Мислам дека Македонија постигна одлични резултати на индикаторите кои го мерат надминувањето на бирократските пречки за бизнис, на пример во областа на почнување на бизнис глобалниот рејтинг на Македонија е на 4-то место од 190 држави во светот. Ако стопанственик ги има сите потребни документи, може да почне бизнис за само два дена, што е одлично постигнување. Следниот предизвик ќе биде да се продолжи со реформирањето и да се постигнат подобри резултати, и да се пренасочи фокусот на правните институции. Бидејќи е потребно подолго време да се реформираат судовите, министерствата, затоа е потребно можеби да се насочи повеќе фокус кон владините институции и судовите за да се обезбеди дека се е автоматски, дека е транспарентен процес и луѓето знаат кои се правилата и регулативите. Ова би бил следниот чекор што го гледаме како предизвик за државата, додава Салтане
Историски успех: Од 2007 година до сега забележан е напредок од неверојатни 84 места
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека извештајот е историски резултат и одлична вест, па така овие резултати ќе допринесат за уште поголема афирмација на земјава во светски рамки. Македонија во изминативе години бележи континуиран напредок и во споредба со 2007 година забележан е скок од неверојатни 84 места.
„Овој континуиран напредок е резултат на напорна и координирана работа при што се спроведоа над 30 системски реформи со кои се олесни работата на сите оние кои водат некоја компанија, драстично се намалија административните процедури и времето за спроведување одредени постапки“, истакна Пешевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.