| четврток, 6 декември 2018 |

Занети го пренесе ставот на управата на Интер: Де Бур останува во тимот

zaneti-i-de-bur

Добар дел до италијанските медиуми веќе го отпишаа Франк Де Бур од тренерското столче во Интер и покрај победата која ја оствари тимот против Торино, гласини за кои сепак денеска со конкретен одговор излезе потпретседателот на клубот, Хавиер Занети.

Легендарниот дефанзивец на „нераѕурите“ говореше пред италијанските новинари по состанокот кој го имаа одговорните лица во клубот, а на истите им порача дека е донесена конечна одлука да му се остави простор на Де Бур во кого сите имаат огромна доверба.

– Секогаш ќе постојат потешкотии, но ние мора да научиме како да се справуваме со нив и да почнеме од почеток. Мораме да ја пронајдеме потребната конзистентност, тоа е клучно за проектот. Го прочитавме тоа што вие го напишавте за Де Бур, но тоа не влијае на нашата работа. Мора да го вратиме Интер онаму каде што припаѓа. Де Бур пристигна пред стартот на сезоната и работите не се лесни за никој. Но, ние стоиме 100 проценти позади Франк и затоа сакам отворено да го кажам тоа. Кога ќе го дочекаме зимскиот преоден рок, тој ќе има можност да мине повеќе од 10 дена со своите играчи и да им укаже на своите идеи. Предизвикиот не е лесен, но ние максимално стоиме позади Де Бур – истакнал Занети, комплетно негирајќи дека Интер веќе го има пикирано неговиот наследник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top